| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен првиот театар за деца на албански јазик во општина Чаир

Со куклената претстава „Бајки од Езоп“ почна со работа првиот Театар за деца на албански јазик во Македонија.

Театарот, кој е сместен во Одлука за основање на локална установа за култура, Театар за деца – Чаир, Скопје, е под целосно покровителство на општината Чаир која обезбеди средства за функционирање на оваа културна институција. Преку овој проект општината Чаир стана прва општина во Македонија во чии рамки функционира ваква културна институција.

– Создавањето услови за правилно воспитување и образование на децата е еден од моите приоритети. Со голема посветеност се зафативме со овој проект и најдовме начин како за прв пат младите генерации да добијат Театар за деца на албански јазик. Сега, кога оваа идеја веќе е реалност, јас сум горд што сме дел од една успешна приказна која ќе обезбеди градење на вистински вредности кај младите и нивно пошироко образование. Само преку поголемо образование и култура ние ќе создадеме услови за негување на нови идни лидери и истакнати поединци кои ќе креираат развој – истакна градоначалникот на Чаир, Изет Меџити

По официјалното отворање на Театарот за деца на албански јазик со претставата „Бајки од Езоп“ во режија на Бесфорд Идризи, во следниот месец ќе се одиграат по две претстави дневно со почеток во 11 и 13 часот за децата од основните училишта во општината Чаир. По овој период ќе се изработи репертоар на театарот кој на децата и младите  од Скопје и пошироко ќе им овозможи да добијат културна наобразба и да градат вистински вредности.

Досега театарот за деца функционираше како резултат на ентузијазмот на неколкумина уметници во рамките на Албанскиот театар, но поради низа проблеми од различна природа, неговото функционирање беше оневозможено. Со отворањето на новиот Театар за деца на албански јазик како посебна институција се најде трајно решение кое е базирано на цврста основа.

– За човек како мене, кој 40 години од својот живот поминал во театар, да се биде дел од првиот Театар за деца на албански јазик е вистинско задоволство и повеќе од тоа. Театарот е живот, а животот не е ништо друго туку една театарска претстава која не учи на сит животни лекции. Многу сум среќен што ќе имам можност заедно со целиот тим тука да работам за децата и младите и сите ние да им ги направиме достапни вистинските вредности и да им овозможиме да сонуваат – истакна Бајруш Мјаку, директорот на Театарот за деца на албански јазик.

Со  функционирање на Театарот за деца на албански јазик се овозможува афирмација на постојното и создавање ново културното творештво кај најмладите и  се подигнува и унапредува нивото на образование на децата и младите, што секако ќе придонесе кон стекнување вистински културни вредности. Првата претстава „Бајки од Езоп“ со која беше отворен новиот Театар за деца на албански јазик, доби поддршка и од Министерството за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top