| четврток, 6 декември 2018 |

Ангелов: Прашањето за името не треба да влијае врз односите меѓу Македонија и Грција

ам

-Со Мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција се обидуваме да надоместиме за многуте изгубени години кои требаше да ги потрошиме за изградба на правни и практични основи за билатералната соработка во сите области кои се од значење за нашите граѓани и бизниси- изјави македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов.

Во интервју за Независната балканска новинаска агенција (ИБНА), Ангелов нагласува дека мерките за градење доверба меѓу двете земји сами по себе не се поврзани со прашањето за името, кое треба да се решава одделно, без да влијае врз најосновните аспекти во односите меѓу двете соседни земји.

– Мојата Влада силно го поддржува ваквиот пристап, и всушност тоа е нашиот став и предлози од првите години на нашата независност во 1991 година. Да потсетам дека една од главните цели на Времената спогодба потпишана во 1995 година, која е камен-темелник на нашите билатерални односи, беше да се обезбеди правна рамка за нормализирање на меѓусебните односи и соработка, без оглед на постоечката разлика околу името. Малку е познато во Грција дека нашите две земји немаат ниту еден потпишан билатерален договор кој би ја олеснил нашата економска соработка. Истото важи и за други области, како што се безбедноста и одбраната, културата, образованието – вели македонскиот амбасадор.

На прашањето дали преговорите ќе влезат во нова фаза по предвремените избори кои ќе се одржат во април, Ангелов нагласува дека дека без оглед на изборите во Република Македонија или во Грција, сега или подоцна, македонската Влада секогаш е подготвена да се ангажира во дискусиите за спорот со името, како во рамките на ОН, така и во директни средби со високи претставници на грчките власти.

– Во врска со второво, никогаш не е премногу да се потенцира дека се надеваме оти ќе имаме средба на двајцата премиери во најкус можен рок, како и прва средба меѓу двајцата претседатели, кои во историјата на нашите дваесетгодишни дипломатски односи никогаш не се сретнале, и покрај нашите постојани иницијативи – подвлече Ангелов додавајќи дека потребата од вакви средби не произлегува само од билатералната разлика, туку и поради сегашните предизвици со кои се соочуваат двете земји,  најмногу кризата со бегалците и мигрантите која ја истакна неопходноста да се има многу подобро координирана соработка во безбедноста и управувањето со границите.

Коментирајќи ја соработката со Владата на Алексис Ципрас, амбасадорот Ангелов потенцира дека интензитетот на интеракција и соработка со грчкото МНР се подобрува и станува посилен секој ден и изразува надеж дека тоа ќе се случи и со другите министерства и владини агенции, како и со претседателот на земјата и Парламентот.

– Она што исто така ќе биде корисно е јасна порака до сите засегнати страни во грчкото општество дека е нормално и пожелно да се соработува со вашиот северен сосед – нагласи македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top