Наш интерес и интерес на државата е да се спроведе договорот од Пржино и ние сме посветени тоа да се случи што е можно побрзо, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
– Сакам да потврдам дека работните групи се во постојана комуникација со олеснувачот. Наш интерес и интерес на државата е да има спроведување на договорот и ние сме многу посветени на тоа колку што е можно побргу да се случи, изјави премиерот Груевски на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата за последниот извештај на Дуинг бизнис на СБ за 2016 година.
Во однос на вчера изнесените ставови на амбасадорите Груевски истакна дека го поздравува нивниот ангажман, за како што рече, помагање и олеснување на преговорите.
Премиерот укажа и дека неговиот коментар на Твитер за тоа дека народот ќе одлучи на избори не е ништо друго, туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите.
– На изборите одлучуваат граѓаните, рече Груевски дополнувајќи дека неговиот коментар воопшто не е во колизија по напорите што ги прават претставниците на меѓународната заедница да и помогнат на Македонија за побрзо да се надмине сегашната ситуаициа во преговорите.
Прашан за текот на преговорите на работните групи, Груевски рече дека за тоа ќе се изјаснат на преговарачката маса и најави оти кога ќе завршат ќе ги објаснат сите нивни ставови.
Груевски ги негира шпекулациите за наводно организирање јавни собири од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.