Независноста на најбогатата покраина на Шпанија, Каталонија, и отцепувањето од заедничката држава е сè поизвесно. Едно од клучните прашања е што ќе се случува со Барселона, која за Каталонија е повеќе од клуб. Тоа е гордоста на Каталонците.
Од Фудбалската федерација на Шпанија јасно ставија до знаење дека со отцепување на Каталонија од Шпанија, Барса нема да има право да игра во Примера дивизија. Формирањето нова, каталонска лига за Барса не би имала смисла, бидејќи конкуренцијата би била преслаба, па поради тоа се споменува преминување во француската Лига 1.
Премиерот на Франција, Мануел Валс, кој не ги крие симпатиите кон Барса и изјавува дека е голем навивач на овој клуб, широко ги отвори вратите за каталонскиот гигант.
– Ако може Монако, кој не е на територијата на Франција, не гледам зошто и Барселона да не може да игра во нашата лига – изјави францускиот премиер.
Тој лично би сакал, бидејќи не крие дека е голем навивач на Барселона, а поради тоа често е на тапет кај француската јавност.
– Се сеќавам на натпреварот од 1975 година, непосредно пред смртта на Франко и неверојатната атмосфера на „Камп ноу”. Барселона има историја како ниту еден друг клуб на светот. Не кријам дека сум страстен љубител на фудбалот и навивач на Барселона. Целото мое семејство навива за Барселона – додаде Валс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.