| четврток, 6 декември 2018 |

ИД разнесе три лица врзани за античките столбови на Палмира

Припадниците на Исламска држава погубија три лица во сирискиот древен град Палмира, врзувајќи ги за три антички столба и разнесувајќи ги со експлозив, соопшти денеска  Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

palmira

Центарот наведува дека ИД во неделата разнела три лица кои ги заробила во Палмира и со нив и три антички столба за кои ги врзала, пренесува БТА.

Халед ал-Хомси, активист од Палмира, изјави дека ИД допрва треба да му соопшти на локалното население кои се убиените и заради што се погубени.

– Никој не го виде самото погубување. Столбовите се уништени, а ИД никому не дозволи да пријде до местото, рече Хомси за француските медиуми.

Мохамад ал Ајед, исто така, активист од Палмира, кажа дека станува збор за „археолошки столбови, какви има уште само во Палмира“.

– ИД ова го прави за да привлече медиумско внимание, оцени Ајед.

ИД ја контролира Палмира од мај годинава, кога од неа ги протера владините сили, а потоа ги минира спомениците и историските зданија, кои ги смета за навреда за исламот.

Уништувањето на древните локалитети стана манир на однесување на ИД, која, исто така, уништи статуи, светилишта и ракописи во ирачкиот град Мосул и древниот асирски град Нимруд.

На почетокот на октомври, во напад на ИД во Палмира, уништена е Триумфалната капија, споменик што датира од периодот меѓу 193. и 211. година, откако уништија и низа други споменици во областите над кои ја презеде контролата во  Сирија и Ирак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top