Една недела пред првичниот рок, 1 ноември, германската влада ќе почне да ги спроведува посебните мерки за справување со бегалската криза, изјави денеска близок соработник на канцеларката Ангела Меркел.
Мерките, што предвидуваат забрзана депортација за барателите на азил кои се одбиени од Германија, ќе стапат во сила веќе од понеделник.
Целта на германската влада е во ситуација кога земјата се соочува со можен еден милион бегалци во 2015 година да се создадат услови за подобар прием на вистинските бегалци, пред се, од Сирија и Ирак, кои продолжуваат да доаѓаат во огромни бројки.
Променетите процедури ќе го забрзаат процесот на разледување на барањата за азил и итна депортација на тие што во земјата доаѓаат поради економски причини.
Мерките најмногу ќе ги погодат граѓаните од југоисточна Европа, односно Балканот, кои претставуваат околу 40 проценти од сите баратели на азил, а според германските закони и меѓународното право немаат право на заштита какво што имаат бегалците од воените зони.
Со новите мерки процедурата за разгледување на азил ќе завршува за неколку денови, одбиените баратели на азил нема да бидат информирани однапред дека треба да бидат депортирани во матичните земји, а во нивниот транспорт покрај цивилни авиокомпании би можеле да се вклучат и транспортните авиони на германската армија.
Шефот на кабинетот на германската канцеларка Меркел, Петер Алтајер вели дека мерките би можеле да се спроведат и пред 1 ноември.
-Сакаме да бидеме подобри и побрзи при депортацијата на одбиените азиланти кои немаат причини да останат овде, вели Алтмајер за кого градењето зидови не е добар начин за надминување на кризата, а кој од Меркел беше назначен да го контролира процесот на справување со бегалците.
Според дел од германските аналитичари забрзување на спроведувањето на новите мерки е иницирано од се помалата поддршка која што германската федерална влада ја има за бегалското прашање.
Одлуката на Владата во Берлин доаѓа еден ден пред средбата на неколку европски и балкански лидери на која што треба да се најде решение за најголемата бегалска криза во Европа по втората светска војна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.