Санкциите на Европската унија против Русија се условени со мировната спогодба од Минск и доцнењето во нејзиното спроведување значи дека санкциите ќе останат во сила, рече германскиот канцелар Ангела Меркел, цитирана од британските медиуми.
-Ако реализацијата на оваа спогодба бара повеќе време, тогаш и ние ќе продолжиме да ги поврзуваме санкциите со неа, рече таа по средбата со украинскиот премиер Арсениј Јаценјук во Берлин.
Јаценјук од своја страна кажа дека Украина од 1 јануари ќе ја почне примената на спогодбата за слободна трговија со ЕУ и покрај воздржаноста на Русија.
-Москва нема вето над нашите трговски односи со ЕУ, рече тој, цитиран од ДПА.
ДПА забележува дека Брисел го советува Киев да ги поправи своите трговски односи со Русија, без да ги спротивстави на оние со ЕУ, и, истовремено со своите чекори на доближување до Западот, да го обнови украинското членство во слободната трговска зона на Заедницата на независни држави.
Според Киев, меѓутоа, Русија, која тој ја обвинува за поддршка на проруските сепаратисти во источна Украина, на оваа земја не и предлага прифатливи трговски услови.
Меркел по денешната средба изјави дека ќе продолжи да го повикува Кремљ да го разреши овој трговски спор.
Трговската спогодба со ЕУ е „отворање на украинскиот пазар кон ЕУ, но таа не е насочена против Русија“, додаде таа.
Меркел ги повика украинските власти на уште поактивни напори за длабоки економски реформи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.