Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ Златко Перински денеска ги доделија ваучерите за стипендиите, кои секоја година АМС ги доделува на 500 најдобри млади спортисти до 20 години.
Директорот Спасески им порача на младите спортисти упорно да тренираат, да бидат посветени и да ги слушаат тренерите.
– Како директор на институцијата која се грижи за развој на спортот, сакам да ви порачам упорно да тренирате, да бидете посветени, да ги слушате вашите тренери и верувајте успесите ќе тропнат на вашите порти. Затоа, бидете посветени, напорно тренирајте, а Агенцијата за млади и спорт ќе биде секогаш тука за вас, ќе го следи секој ваш чекор и ќе го вреднува секој ваш успех, бидејќи тоа ќе биде успех и на Република Македонија, потенцираше Спасески.
Агенцијата за млади и спорт осма година доделува стипендии за млади талентирани спортисти. Ваучерите за популарно наречената стипендија „Спортска надеж“ ги добија сите оние кои минатата година освоија забележителни успеси на државните првенства и на големи меѓународни натпреварувања. Стипендијата „Спортска надеж“ се доделува во форма на плакета и паричен надомест, кој го зема младиот спортист во текот на 10 месеци во годината во вредност од 20 отсто од просечната плата исплатена во претходната година.
Од АМС информираат дека стимулот на младите од овој тип значи многу за талентираните спортисти да опстанат во битката за градење на професионалниот лик и создавање идни репрезентативци кои ќе ги бранат боите на државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.