| четврток, 6 декември 2018 |

Колку Македонци имаат бугарски пасош?

Се намалува итересот за бугарски пасош во Македонија, па во 2014 година 234 Македонци добиле државјанство/дозвола за престој во Бугарија, покажуваат најновите податоци на статистичкото биро на ЕУ- Евростат.

Со тоа, Македонците паднаа на петтата позиција во однос на доделени државјанства од Бугарија. Оваа држава најмногу државјанства лани им поделила на Русите, втори се Турците, по нив следуваат Украинците и Кинезите, а на петта позиција се Македонците.

Споредено со годините наназад, особено од 2009 година (откако беше воведена визната либерализација) се забележува значително намалување на бројот на државјанства кои Бугарија им ги доделува на Македонците. Најголемиот отскок е направен меѓу 2009 и 2010 година, кога дури речиси за 90 проценти се намалува бројот на доделени пасоши од Бугарија за Македонците. Во 2009 година биле доделени вкупно 4.406 државјанства на Македонци, додека во 2010 Бугарија доделила само 444 државјанства на наши граѓани. Во 2011 година пак, вкупно 266 лица добиле државјанство од Бугарија, а во 2012 година, 277.

Инаку, Бугарското министерство за правда минатата година објави дека од 2001 година до почетокот на 2014 околу 51.000 македонски државјанин добиле бугарско државјанство.

Освен во Бугарија, Македонците аплицирале за државјанство/дозвола за престој и во Словенија, каде се доделија 562 вакви дозволи, но и во Хрватска, каде биле издадени 261 државјанства на Македонци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top