| четврток, 6 декември 2018 |

Хан на разговори со лидерите на политичките партии во Скопје

По средбата со Груевски, Хан имаше одвоена средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој по излегувањето од резиденцијата на ЕУ во Пржино изјави дека се разговара за се она што е на маса и дека се ќе зависи од лидерската средба што треба да започне околу 18 часот

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан попладнево во резиденцијата на ЕУ во Пржино ги почна одделните средби со лидерите на политичките партии вклучени во имплементацијата на договорот од Пржино.

На разговорите пристигна и белгискиот посредник во разговорите на политичките партиите за имплементација на договорот од Пржино, Питер Ванхауте, пренесува МИА.

– Работиме секој ден за да постигнеме напредок, можам да кажам дека и ноќе работиме. Мора да постигнеме напредок во оваа земја. Секогаш е корисно луѓето да дојдат, да ја видат ситуацијата со свои очи и да зборуваат со луѓето за да формираат сопствено мислење, изјави Ванхауте.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на средбата пристигна околу 14 часот, а беше придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски и од заменик министерката за правда Билјана Бришковска Бошковски.

По средбата со Груевски, Хан имаше одвоена средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој по излегувањето од резиденцијата на ЕУ во Пржино изјави дека се разговара за се она што е на маса и дека се ќе зависи од лидерската средба што треба да започне околу 18 часот.

Ахмети  одговарајќи на новинарско прашање рече дека се уште нема договор за тоа кој ќе биде на чело на министерските места според претходно постигнатиот договор, исто така во Пржино. Утре истекува рокот за назначување министри и заменици министри од редовите на опозицијата.

Во 18 часот во резиденцијата на средба со Хан треба да дојдат лидерите на четирите политички  партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Во резиденцијата на ЕУ во тек е средбата на Хан со лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Исто така, пред лидерската средба се очекува одвоена средба со Хан да има и лидерот на СДСМ Заев.

Хан на неговиот твитер профил пред денешната посета на Македонија напиша „на пат кон Скопје, ќе се сретнам со сите политички партии за да притиснам за итен напредок на политичкиот договор“.

Еврокомесарот Хан, како што претходно потврди неговата портпаролка Маја Коцијанчич, доаѓа во Скопје со цел да ги откочи преговорите за имплементирање на политичкиот договор од 2 јуни и 15 јули. Европската комисија, според Коцијанчич, одблиску го следи развојот на настаните во Република Македонија и бара четирите политички партии да се држат до распоредот во спроведувањето на точките од договорот што донесе крај на политичката криза во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top