| четврток, 6 декември 2018 |

„Животинска фарма“ од Орвел премиерно во Театарот за деца и младинци

Режисерката Карадалевска денеска на прес-конференција рече дека со секое препрочитување на делото сфатила дека оваа тема е постојано актуелна. Со ова дело, рече таа, се покажува стилот на Орвел – едноставен, а со две нишки во исто време – политичка и уметничка

Во Театарот за деца и младинци в среда, 21 октомври премиерно ќе биде изведена „Животинска фарма“ според романот на Џорџ Орвел во режија на Александра Кардалевска и драматизација на Драгана Лукан Николоски.

Ова дело, кое заедно со „1984“ му донесе слава на Орвел непосредно по Втората светска војна, опишува бунт на фарма која животните ја преземаат од сопственикот Џонс, сакајќи поубав свет без доминација на луѓето. Преку текстот авторот на сатиричен начин ги прикажува случувањата во Русија помеѓу двете светски војни, со алузии за предавството на Руската револуција од страна на Сталин и неговите следбеници, чистките, монтираните процеси, злоупотреба на народот од новата елита…

Режисерката Карадалевска денеска на прес-конференција рече дека со секое препрочитување на делото сфатила дека оваа тема е постојано актуелна. Со ова дело, рече таа, се покажува стилот на Орвел – едноставен, а со две нишки во исто време – политичка и уметничка.

– Не може да не се зборува за еден политички контекст во приказната, меѓутоа тој е многу универзален и е актуелен за нашето секојдневие. Претставата зборува за борба за власт, за злоупотреба на власта, а за сето тоа да биде возможно вметната е приказна за сеопфатна машинерија, за современото угнетување, нешто што порано се викаше пропаганда, а сега политички маркетинг, еден севкупен систем со кој се контролира мислата на населението. Група животни од една фарма решаваат да се ослободат од човек-тиранин кој носи само зло, прават систем во кој живеат во благосостојба се додека во еден момент не почне да се руши и да се создаде негативната утопија за која зборува делото – истакна Кардалевска.

Актерот Владимир Лазовски во претставата го игра ликот на Бенџамин (Магарето) – сведок на минатото кој патува низ времињата и раскажува за нив. – Се надевам дека пораката на Орвел ќе направи младите да сфатат дека текот на историјата може да се смени и дека таа не треба да се повторува, рече Лазовски.

Покрај него, во актерската екипа се и: Ненад Митевски, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Предраг Павловски, Изабела Новотни, Катарина Илиевска-Силјановска, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Емра Куртишова, Марија Ѓорѓиевска и Мартин Јорданоски. Сценограф е Никола Кунгуловски, костимограф Маја Димовска, а музиката е на „Бернејс Пропаганда“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top