| четврток, 6 декември 2018 |

Австрија прекинува со прифаќање бегалци

бегалциАвстрија ја известила Словенија дека не може повеќе да прима бегалци и дека е неприфатливо Хрватска да испраќа нови.

Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл Леитнер ја известила словенечката министерка Весна Ѓергеш Жнидар дека Австрија повеќе нема да може да ги прифаќа бегалците, објави синоќа словенечкото министерство за внатрешни работи, пренесува словенечката агенција СТА.

Во соопштението се наведува дека австриската министерка на словенечката колешка во телефонски разговор ѝ соопштила дека Австрија се соочува со големи проблеми во згрижувањето и сместувањето на бегалците и дека го прекинуваат прифаќањето на бегалците на неопределено време, без притоа да наведе колку ќе трае оваа одлука.

Во разговорот австриската министерка, исто така, навела дека е неприфатливо Хрватска да испраќа кон Словенија нови бегалци, кои Австрија не може да ги згрижи.

Словенечкото министерство за внатрешни работи повторило дека се соочува со преголеми барања на Хрватска да прима 5.000 бегалци дневно, иако Словенија поради премалата пропустност кон Австрија не може да ги прифати во таа бројка.

И покрај предупредувањата, хрватските служби ја известиле Словенија дека денеска во тој правец ќе испратат 1.800 бегалци.

– Нагласуваме дека словенечката полицијата ја одби оваа најава – велат во словенечкото министерство за внатрешни работи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top