За десетина дена, најдоцна до почетокот на ноември, жителите на Драчево ќе добијат пробна автобуска линија на ЈСП од нивната населба до Kлиничкиот центар „Мајка Тереза“. Ова прашање, како што истакна директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Игор Јанушев, било актуализирано и на вчерашната средба што со жителите на Драчево ја имаа премиерот Никола Груевски и претставници на градските претпријатија, како и градоначалничката на Kисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, пренесува „Дневник“.
– Ги направивме потребните анализи за тоа колку возила се потребни, колку возачи и колку патници треба да се превезуваат за да биде финансиски исплатлива линијата и решивме да пуштиме пробна линија. Таа ќе треба да профункционира најрано за 10 дена, а најдоцна до почетокот на ноември за да се направат потребните подготовки. Доколку се утврди дека бројките се поклопуваат со оние од претходно направената анализа, тогаш линијата ќе продолжи да функционира, а во спротивно ќе се укине. Најбитно е да има патници – ни изјави вчера директорот Јанушев.
Оваа линија, како што информира тој, пробно ќе функционира три месеци.
Жителите од населбата Драчево велат дека навистина имаат потреба за нова автобуска линија до Kлиничкиот центар. Тие потенцираат дека станува збор за голема населба, а граѓаните имаат различни потреби. Тие ја бараат директната линија до Kлиничкиот центар бидејќи, како што велат, има повозрасни жители кои почесто мора да одат на прегледи и контроли, а има и студенти што патуваат до „Мајка Тереза“, како и вработени на клиниките. А за да стигнат до Kлиничкиот центар, прво со автобусот „41“ одат од Драчево до Транспортен центар, а таму треба да чекаат автобус со број 3 за да стасаат на клиниките. Велат, така губат многу време во менување на автобусите, а тоа исто така им претставува и дополнителен трошок.
Пред неколку години по барање на жителите од Ѓорче Петров беше воведена линијата „22а“, која сообраќа од Волково до Kлиничкиот центар, а лани беше воведена и линијата „5а“, која вози од Ѓорче Петров до „Мајка Тереза“ и обратно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.