| четврток, 6 декември 2018 |

Оф шор ликс ја тресе земјава, Македонците со сметки на Кипар се во нотесот на словенечки новинар!

Оф шор ликс ќе ги прикаже имињата и на македонски граѓани – даночни претстапници кои своето огромно богатство го кријат на тајни банкарски сметки во странство.

Blaz Zgaga

Словенечкиот новинар Блаж Згага кој работеше на откривањето на овој банкарскиот викиликс за националната хрватската телевизија вчера изјави дека во оваа голема афера која го тресе целиот свет се вклучени и бизнисмени од поранешна Југославија, вклучувајќи ја тука и Македонија.

„Можам да потврдам дека има личности од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија, значи речиси од сите поранешни југословенски републики. Но, за ова детално ќе објавиме во наредните недели кога ќе ја завршиме целата истрага. Точно е има навистина познати личности и интересно е што некои од тие личности веќе соработувале прекугранично и мислам дека тоа ќе биде навистина интересен дел од истрагата“, изјави словенечкиот новинар Блаж Згага, за Хрватска телевизија. 

Гувернерот на НБРМ Богов нема да биде изненаден ако во оваа афера се откријат и Македонци

Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, изјави дека не би бил изненаден доколку во оваа афера се појави и некој македонски богаташ, бизнисмен или политичар.

„Иако македонските граѓани и фирми согласно законот за девизно работење немаат право да имаат банкарски сметки во странство, вклучително и на британските Девствени острови, сепак можно е да има прекршители на законот“, изјави Богов.

Аферата банкарски Викиликс го стресе целиот свет

Лондонскиот весник „Гардијан“ неодамна ја пренeсе веста за милиони меѓународни документи кои излегоа од светската офшор-финансиска индустрија откривајќи го првпат идентитетот на илјадници сопственици на тајно богатство од целиот свет.

Истрагата идентификуваше  цела плејада владини функционери и богати фамилии од целиот свет, од Kанада, САД, Индија, Пакистан, Индонезија, Иран, Kина, Тајланд и од екскомунистичките држави, вклучително и СФРЈ.

На листата на даночни престапници се наоѓаат  Михаил Фридман – руски олигарх, Има Маркус, гувернерка на филипинската провинција Илокос Норте и најстара ќерка на бившиот диктатор Фердинанд Маркос. Тука се и Лејла и Арза Алиеви, ќерки на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, потоа претседателот на парламентот на Монголија, Бајартсорт Сангајав, па шпанската бароница и уметничка – колекционерка Кармен Сервера, а германскиот весник „Шпигел  наведува дека „грчките сопственици на офшор фирми, вкупно 107, потекнуваат од сите слоеви на општеството, од жителите на најбогатите атински квартови, па се до оние кои живеат во оддалечените села на северот од земјата.

Каде се се крие незаконски стекнатото богатство

Околу 2,5 милиони фајлови ги открија тајните на повеќе од 120.000 вакви компании и групации откривајќи тајни зделки на политичари, измамници и на богаташи од целиот свет.

Тајните документи ги обелоденуваат имињата  на компаниите во Британските Девствени Острови, Kуковите Острови и во други офшор-прибежишта. Брисел веќе им препопрача на своите членки да ги идентификуваат и да ги стават на црн список местата кои важат за даночен рај.  Се проценува дека на офшор сметките луѓето кријат над 20 билијарди долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top