| четврток, 6 декември 2018 |

Советот на Јавни обвинители одбра само седум кандидати на Јанева

Раководителите на Вишите и Основните јавни обвинителства по барање на поголем број јавни обвинители вчера одржале заеднички колегиум на јавните обвинителства поради незадоволството од недоволниот број обвинители, како и формирањето Специјално јавно обвинителство

Советот на јавни обвинители одбра седум од вкупно 14 кандидати кои ги предложи за свои помошници специјалната обвинителка Катица Јанева. Претседателот на Советот Петар Аневски по седницата изјави дека одлуката да бидат избрани само седум помошници на Јанева е донесена врз основа на проценката за обемот на работа што ќе ја има Специјалното обвинителство. Советот не ја исклучува можноста да се зголеми тимот на Јанева ако се зголеми обемот на работа.

Од документите кои Јанева беше задолжена да ги изготви за да го стартува работењето на обвинителството, медиумите и експертите забележуваа опасни индиции за партизација на оваа специјална институција, сомнежи за политичко дејствување кооординирано со СДСМ, но и мегаломанство и надменост. Заради сите овие причини во Јавното обвинителство, помеѓу обвинителите кои работат во истото точката на вриење е стигната на највисоко ниво.

Откако специјалното јавно обвинителство на Јанева изминативе денови прерасна во епицентар на случувања со негативна карактеристика кои ја брануваат јавноста и кои оставаат темни дамки на оваа институција, Советот на јавни обвинители денеска донесе очекувана и законска одлука.

Раководителите на Вишите и Основните јавни обвинителства по барање на поголем број јавни обвинители вчера одржале заеднички колегиум на јавните обвинителства поради незадоволството од недоволниот број обвинители, како и формирањето Специјално јавно обвинителство.

На состанокот станало збор и за новиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите според кои специјалната обвинителка достави финансов план со кои предвидува издвојување на огромни суми за плати и надоместоци, за кус период, што укажува на високи примања на вработените од тоа обвинителство кои се значително поголеми од примањата на постојниот кадар во обвинителствата.

Обвинителите на состанокот побарале да се достави Барање до Советот на јавните обвинители, со кое ќе се инсистира на одговор за начинот на кој е составена предлог листата за избор на јавните обвинители во специјалното обвинителство, дали и каде имало објавено оглас и каде се пријавувале заинтересираните кандидати и дали листата е составено според објективни критериуми и кои се тие.

– Ова особено што за јавните обвинители, предлог листата изразува лични афинитети и субјективни согледувања за квалитетот на предложените кандидати, се истакнува во соопштението.

Присутните јавни обвинители изразиле незадоволство од донесувањето на Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите оценувајќи дека на тој начин се става неосновано под сомневање нивното стручно и објективно постапување и во илјадници други предмети, а исто така го оценија новиот Закон како неуставен и повикаа на поднесување Иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија.

Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски по одлуката на Советот на јавни обвинители да прифати седум од 14-те предложени имиња на Јанева изјави дека во тек е подготовка на иницијативата која наскоро ќе биде поднесена до Уставен суд, а додаде и дека  предвидените плати за обвинителите од специјалното обвинителство се мегаломански.

-Вчера имавме состанок на јавни обвинители, како повод на реакција беа наведените планови за високи плати. Тие се регулирани со закон, меѓутоа надоместоците кои јавните обвинители за организиран криминал не ги добиваат, а работат на предмети за терористи, наркокрартели и ИСИС. Доколку некој ги добие тие надоместоци, ние ќе побараме од Владата и ние да ги добиеме, најави тој.

Според него специјалното јавно обвинителство е политичко, додека јавните обвинителства се независни.

-Ако имате политички договор за некоја личност спротивно на сите правила и носење на закон спротивно на сите правила и барање избор спротивно на сите закони, тогаш сметам дека е тоа политичко обвинителство. Се гордеам што не сме политичко обвинителство, рече Зврлевски.

По денешната одлука на Советот на јавни обвинители, специјалната обвинителка излезе со скандалозна изјава во која даде политичка оцена, наместо оценка базирана на факти и аргументи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top