Во реакциите се подвлекува дека додека Западот може да го критикува Путин за поддршката на сирискиот претседател Башар Асад, во регионот сега сè е полесно поради појавата на играч со цврста – макар и контроверзна – стратегија, објави Асошиејтед прес.
– Путин освен што зборува – и дејствува – вели Сохбан Елеви од Дамаск, сумирајќи ги ставовите на Сиријците, кои ја сметаат политиката на САД во Сирија и Ирак за невешта и збунета.
Русија ја почна својата воздушна кампања во Сирија на 30 септември, вклучувајќи се во судирот во критично време за Асад и за неговата војска. Кога сириската армија ја загуби северната провинција Идлиб, им отвори пат на бунтовниците да дојдат опасно блиску до крајбрежното срце на алавитите, оставајќи ги таму своите ранливи и депримирани војници.
Меѓу приврзаниците на Асад, уморни од војната и фрустрирани, таквите јасни знаци на поддршка ја родија мошне потребната психолошка предност, и беше инјектирана нова надеж дека сепак може да се победи во нивната битка полна со порази против бунтовничките фракции и Исламска држава.
„(Руската) интервенција го зголеми моралот на сириската армија, а и на сирискиот народ“, вели д-р Самир Хадад од централниот град Хомс.
„Претседателот Путин е истакната и харизматична личност и стана јасно дека светските лидери постепено почнаа да ја одобруваат, отворено или тајно, оваа интервенција“, вели тој.
Во Ирак, каде што американската војна против ИСИС е во застој, многумина велат дека посакуваат руските воздушни напади против ИСИС да се прошират и во нивната земја.
Закопани меѓу сликите на багдадската архитектура, џамиите и пејзажите, некои уметнички продавници во Багдад почнаа да продаваат портрети на Путин, во чест на неговата интервенција во она што Ирачаните го гледаат како нов воен фронт против ИСИС.
„Русија не игра игри. Тие ги решаваат проблемите, и тоа го прават тивко и ефикасно, а не како Американците, кои сакаат сè да прават пред камери“, вели Хусеин Карим, 21-годишен студент по медицина од Багдад.
На еден цртеж широко споделен од Ирачаните на Фејсбук и Твитер, американскиот претседател Барак Обама е облечен како сунитски шеик, додека Путин како шиитски имам, што укажува дека обајцата заземаат страна.
На друг цртеж се гледа како голоградиот Путин го држи лидерот Абу Бакр ал-Багдади за јаката од неговата галабеја, со мошне застрашувачки изглед. Тој му вели на Ал-Багдади: „Кај си тргнал ти? Ќе те срамнам како брашно“, популарна ирачка фраза.
Ал-Багдади, држејќи мобилен телефон, вреска: „Обама, спаси ме!“
На повеќето цртежи Путин е мускулест – перцепција што ја одразува онаа домашната, во Русија, каде што тој си создаде слика на човек од акција.
Покрај вршењето на службените должности, тој на руската телевизија често е прикажуван во активности како играње хокеј на мраз – како што беше минатата недела на 63-тиот роденден – или се качува во подводно пловило за да го истражува морето.
Маици со неговиот лик се продаваат во трговските центри, продавниците за сувенири, па дури и на автоматите на аеродромите во Москва. На некои тој изгледа строго со темни очила за сонце, додека други го прикажуваат како јава коњ, па сè до зборовите од една поп-песна: „Нема да нè победат“.
Воената интервенција во Сирија многумина ја гледаат како знак за менувањето на сојузите во регионот, додека Русија добива сè поголема улога во борбата против ИСИС.
Русија со години има силни врски со Блискиот Исток. Фасцинираноста од Путин во голема мера е мотивирана од долгогодишните сомнежи кон Западот и гневот поради децениската американска интервенција во регионот, за која многумина велат дека предизвикала уште повеќе војни и секташтво. Многумина се надеваат дека една посилна Русија би довела до побалансиран пристап.
Ирачкиот премиер минатиот месец изјави дека и неговата влада склопила договор за размена на разузнавачки податоци со Русија, Иран и Сирија, и за отворање оперативен центар во центарот на Багдад.
Во Египет руските знамиња и плакатите со лицето на Путин висеа низ цело Каиро, за време на неговата посета во февруари. Во тоа време државниот весник Ал Ахрам објави текст за него, со фотографии што го покажуваа Путин со голи гради и со разни оружја в рака, со наслов „Херој на нашето време“.
Неговата појава се прошири и до Либан, каде што на протестот во неделата некои демонстранти – христијанските сојузници на групата Хезболах поддржана од Иран – носеа маици со лицето на Путин, повикувајќи на либански претседателски избори.
„Путин ја смета сириската криза како одлична можност да го урне угледот на Америка во регионот“, вели Гасан Чарбел, уредник на арапскиот дневен весник Ал Хајат со седиште во Лондон.
На насловната страница во понеделникот тој предупреди дека иако Сирија ѝ дава на Москва можност за одмазда кон Западот, таа може брзо да се претвори во калиште слично на Авганистан, што се заканува да го загрози имиџот на Путин како „цар“.
На неодамнешните демонстрации во северниот град Идлиб, вооружените бунтовници го запалија руското знаме. „Ќе ве прегазиме“, пишуваше на еден транспарент, наменет за Русите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






