| четврток, 6 декември 2018 |

Што ќе се случи со вашето тело ако престанете да пиете алкохол?

Ако прерасне во навика, честото конзумирање на алкохол може да стане и психолошки и здравствен проблем. Затоа, малку апстиненција, па дури и од време на време, не е на одмет.

– Престанувањето со пиење на алкохол, макар и на неколку недели е многу добра идеја, особено ако го конзумирате во количини кои се поголеми од дневно препорачаниот лимит – вели доктор Дејмон Раскин од Лос Анџелес кој специјализирал за лекување на зависници и додава:

„Ако пиењето почнува да влијае врз вашите односи со луѓето, време е малку да намалите.“

Еве кои ефекти ќе ги почувствувате кога ќе престанете да пиете алкохол:

Ќе имате поквалитетен сон – Една студија покажала дека пиењето алкохол пред спиење го зголемува создавањето на алфа-бранови во мозокот, што всушност значи дека доаѓа до нарушување на сонот. Друга студија покажала дека алкохолот им помага на луѓето да заспијат, но дека го уништува квалитетот на сонот после почетниот дел од спиењето. Ако се откажете од алкохолот ќе бидете посвежи и поодморени секое утро.

Помалку ќе јадете за вечера – Алкохолот го зголемува чувството на глад. Тоа е затоа што тој ги зголемува нашите сетила. Затоа, после само два пијалоци просечна личност може да изеде до 30% повеќе отколку кога не конзумирала алкохол.

Ќе ви се зголеми потребата за шеќер – Шеќерот го зголемува нивото на хормонот допамин кој е одговорен за чувството на среќа. Алкохолот ја прави истата работа. Затоа е можно, кога ќе се откажете од алкохолот, одеднаш да ви се пријаде чоколада.

Ќе почнете да слабеете – Алкохолот, иако е во течна состојба, содржи многу калории. На пример, една маргарита има дури 300 калории кои претежно доаѓаат од шеќерите. Исфрлете го алкохолот, немојте да го замените се благи работи и ќе ги изгубите килограмите.

Поздрав изглед на кожата – Само неколку дена откако ќе престанете да пиете алкохол вашата кожа ќе биде похидрирана.Тоа е затоа што алкохолот делува како диуретик, па поради него често мокрите. Поради губењето на вода во телото, може да се случи кожата на вашето лице да се исуши. Со воздржување од алкохол, водата ќе го врати блескавиот изглед на вашиот тен.

Ќе имате повеќе пари – Пиењето, особено вино, е скапа навика. Пресметајте колку пари трошите на алкохол – би можеле да се изненадите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top