| четврток, 6 декември 2018 |

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ го објави комплетниот состав за настап на Европскиот клупски куп

Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија, ШК „Алкалоид“ ја комплетираше својата екипа со која ќе настапи на најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски клупски куп кое годинава ќе се одржи во Скопје, од 17 до 25 октомври.

Покрај претходно најавените петмина силни велемајстори од топ 50 на светската рејтинг листа, меѓу кои: Евгениј Томашевски, Дмитриј Јаковенко, Василиј Иванчук, Дмитриј Андрејкин и Јури Криворучко, како и македонските шахисти ИМ Филип Панчевски и ВМ Трајко Недев, ШК „Алкалоид“ добива уште едно меѓународно засилување – кинескиот Велемајстор Ју Јангји од Кина.

Иако има само 21 година, рангиран е на 30. место на светската рејтинг листа со 2.721 поен. Велемајстор од 2009 година, репрезентативец на Кина, која последниве години доминира во светскиот екипен шах и победник на неколку значајни турнири. Го вбројуваат меѓу перспективните силни велемајстори и е најмлад играч во составот на ШК „Алкалоид“ за ЕКК 2015. Негови позначајни успеси се: Светско јуниорско до 10 години, дели 1 место (2004), Светски јуниорски шампион до 20 години (2013), шампион на Кина (2014), шампион на Азија (2014 ), Победник на Катар Мастерс, каде што го победува и поранешниот светски шампион Владимир Крамник, и еден од водечките светски играчи Аниш Гири (2014), член на репрезентацијата на Кина која освојува златен медал на Олимпијадата во Тромсо, Норвешка (личен резултат 9,5 поени од 11 партии) (2014), златен медал со репрезентацијата на Кина на светскиот екипен шампионат (2015), Победник на Меѓунаордниот Казабланка меморијал турнир во Хавана, Куба (2015).

Конкуренцијата на претстојниот ЕКК 2015 ќе биде исклучително силна. Листата ја предводи екипата на двократниот европски шампион „Сокар“ од Азербејџан, а го следат „Сибир“ и „Медни Всадник“ од Русија „Нови Бор“ од Чешка и „Обиетиво Рисарцименто Падова“ од Италија.

Согласно иницијално објавената листа на организаторот на турнирот, ШК „Алкалоид“ е рангиран на петтото место.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top