| четврток, 6 декември 2018 |

Џамбазов ве праќа во Лазарополе каде што титаните спијат, а боговите молчат

k-i6-Шоуменот Игор Џамбазов, човекот што го познава секое ќоше во нашата Македонија, преку профилот на „Фејсбук“ на неговата мачка Емилија Џамбазова Бавчанска препорачува места што, веројатно, никогаш не би ви текнало да ги посетите. Како што вели, се работи за места со душа – прекрасни, скромни местенца каде што главни се само хомосапиенсите…тие го прават местото…

-Човек никако не може да залута накај Лазарополе. Тука не може да си на пропатување. Тука не се стигнува случајно. Тука се стигнува само со намера, желба, или длабока потреба. Тука горе, најгоре, на 1300 метри надморска височина, каде што титаните спијат, а боговите молчат…се вгнездило Лазарополе…македонската Швајцарија. Кога ќе дојдеш тука, ќе се качиш најгоре во селото, скоро во шумата, и ќе прашаш за Вила Катерина-Ирена. Стара планинска куќичка, со мерак направена, и со душа отворена кон секој гостин. Ќе ја бараш тета Ирена. Можеш и да преспиеш внатре, или да си поставиш шатор надвор, под најстарата бука во селото, па покрај логорски оган, да го дочекаш сонцето да падне, а небото да стане корзо на илјадници ѕвезди. Да уживаш во недопрената природа што ти го одзема здивот, во шумите, ливадите и околните патчиња, по кои секогаш ќе се вратиш назад, кон ова место со душа…вишок душа за раздавање. Во оваа куќа полна со љубов, историја, лични приказни, и топла вечера, бидејќи утрата тука се секогаш студени… Газдава мој вика…ако уште еднаш дојдеме тука, има шанси никогаш да не си одиме… – „напиша“ Емилија Џамбазова Бавчанска.

Доколку патот ве води на друг крај, или веќе сте биле на ова место, тогаш послушајте друг совет од Џамбазов, на пример поминете кај Тони Мишинката во Василево или кај газда Аце во Слепче. Добар избор би било и гевгелиското локалче Кај Кико и Иван или Радост на Широк сокак, а зошто не и  Рибник Таушанови во Радовиш. Или пробајте риба во Фук-так во Дојран. Посетете го родното место на Тоше Проески и напијте се кафе во Планет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top