| четврток, 6 декември 2018 |

Давутоглу: ИД е главен осомничен за нападите во Анкара

Истрагата за двојниот бомбашки напад во Анкара, во кој загинаа најмалку 97 лица, е фокусирана на „Исламска држава“ како можен извршител, изјави денеска турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

давут

Во интервју за турската телевизија НТВ, тој рече дека полицијата е близу до идентификација на еден од двајцата бомбаши-самоубијци, одговорни за нападот од пред два дена во Анкара и оти се врши ДНК анализа на остатоците од напаѓачите.

Давутоглу оцени дека нападот претставува обид да се влијае на резултатот од парламентарните избори закажани за 1 ноември и оти ќе бидат преземени неопходните мерки доколку се покаже дека безбедносни пропусти го олесниле изведувањето на нападот.

Во интервјуто, Давутоглу уште потенцираше дека е подготвен да разговара со Русија и Иран за изнаоѓање политичко решение во Сирија, но нема да го прифати ставот со кој ќе се легитимира сирискиот режим Тој смета дека руските воздушни напади против Идлиб и Алепо во Сирија можат да предизвикаат понатамошен бран на бегалци во Турција.

Во меѓувреме е соопштено дека германскиот канцелар Ангела Меркел в недела ќе ја посети Турција, каде со Давутоглу и претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе разговара за војната во Сирија, бегалската криза и за заедничката борба против тероризмот по крвавиот напад во Анкара.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top