По извонредниот концерт на Дуке Бојаџиев и камерниот оркестар на Македонската филхармонија во престижниот Карнеги Хол, синоќа во Македонскиот културен центар во Њујорк беа реализирани настани преку кои повторно успешно беше промовирана македонската култура, информираат од Министерството за култура.
Во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, голем број на гости од македонската дијаспора во САД, но и голем број на тамошни посетители, беше отворена изложбата на македонските реномирани уметници Ацо Таневски и Ивана Пирковска, а беше промовирано и аудио-изданието со традиционални македонски изворни песни, во издание на еден од најголемите музеи во Америка, „Смитсонијан“.
Министерката за култура во своето обраќање пред присутните истакна дека Македонскиот културен центар во Њујорк изминатава деценија прерасна во еден препознатлив културен простор во кој секојдневно пулсира македонската уметност и култура. Таа нагласи дека во овие десет години, во центарот се реализираа преку 130 настани кои ја афирмираа македонската култура и уметност но, и нашата држава, Република Македонија.
– Во оваа смисла, уверена сум дека и изложбата на Ивана Пирковска и Ацо Таневска ќе биде една исклучителна можност, авторите да го претстават своето творештво пред светската јавност, пред посетителите во центарот кои ќе може да ја видат изложбата „Додекоманија“ која претставува актуелен интермедијален творечки проект на авторот Ацо Таневски кој создава спој меѓу неговиот ликовен и поетски израз, како и петте инсталации претставени во интерактивниот концептуалистички проект „Порака од твојот универзум“ на младиот уметник Ивана Пирковска, истакна Канческа-Милевска пред присутните гости.
Аудио-изданието со традиционални македонски изворни песни, кое е насловено „Играј до последен здив“ и е продуцирано од страна на големиот пријател на Македонија, етнографот Мартин Кејниг, содржи 17 исклучително вредни, изворни песни кои се одраз на музикалноста на нашиот народ.
Снимените тонски записи се ретки и автентични песни од вештите традиционални музичари на зурли, тапани и чалгија, а застапени се и детални истражувачки сознанија со транскрипции на англиски јазик, кои документираат популарни и значајни урбани и рурални традиции од нашето богато културно наследство. Министерката за култура, меѓу другото изрази благодарност и до Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора, Вера Арсова, претставник на Обединетата македонска дијаспора за Њујорк, до меѓународната фондација за музика и уметност, како и сите оние што го дадоа својот несебичен придонес и поддршка во создавањето на овој исклучително значаен документ за македонската култура и традиција. Таа најави дека овој вреден аудио запис во присуство на американскиот ентограф ќе биде промовиран и во Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Жена со нож нападна деца во градинка во Њујорк
-
Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски куратори од Македонија за изложбата „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ во Њујорк
-
Испратил електорнска порака и потоа се самозапали во Њујорк
-
За една недела нова рунда разговори за името во Њујорк