Со 52 гласови „за“, 25 против и ниту еден воздржан, Собранието вечерва, во рамки на 67. седница, констатира дека Предлог-законот за изменување на Законот за буџетите, поднесен од СДСМ, не е прифатлив и не може да се даде на натамошно, второ читање.
СДСМ со измените бараше, освен Владата која месечно објавува збирен извештај за извршувањето на буџетите, тоа да го прават и сите министерства поединечно – да доставуваат информации до Министерството за финансии колку месечно собрале пари и каде тие пари се потрошени.
Како што објасни Марјанчо Николов, измените предвидуваат и месечни извештаи за прибирањето и трошењето на парите да доставуваат и сите јавни претпријатија во државна сопственост, фондови и трговски друштва каде што државата е доминантен сопственик или има мнозинство од акциите, покрај годишната завршна сметка, во Собранието да се доставуваат квартални извештаи за извршувањето на Буџетот со единствена цел – да се следи собирањето и трошењето на народните пари, како и месечно да се објавува список на сите правни и физѐички лица на кои им е извршена исплата од Буџетот, со име, презиме, износ и основ по кој што се врши исплатата.
– Во секоја демократска земја граѓаните имаат право да дознаат каде и како се трошат нивните пари, но, за жал, бидејќи Македонија не е таква земја, а власта бега од одговорноста да ја зголеми транспарентноста на трошењето на јавните пари, принудени сме да го поднесеме ова законско решение. Ако намерите ви се чесни, ако сакате да бидете транспарентни и одговорни, ништо да не скриете од граѓаните и се залагате за чесен однос, гласајте за ова законско решение и дозволете да нема сомнеж, рече Николов.
Според него, во последните десет години се потрошени 22 милијарди евра буџетски пари или по 10.000 евра од секој граѓанин.
Со транспарентноста што треба да ја обезбедат законските измени, нагласи Николов, граѓаните ќе дознаат и колку чинат владините роуд-шоуа, како и колку пари се потрошени за последното патување на владината делегација во САД.
Крсте Мукоски децидно кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот зашто е неиздржан и технички неспроведлив, а воедно се коси и со Законот за заштита на личните податоци.
– Понудивте целосно незрело решние, технички неспроведливо, неприменливо во ниту една земја на ЕУ, решение со кое сакате граѓаните и стопанските субјекти да ги ставите на столбот на срамот како во времето на инквизицијата или како во времето на владеењето на Сталин, истакна Мукоски.
Укажувајќи зошто решението е технички неспроведливо, тој напомена дека Министерството за финансии понекогаш дневно има и по 8.000 трансакции. – Ако, пак, некое лице добило 100.000 евра по основ на експропријација и тоа јавно се обзнани, го претворате во подвижна мета за одредени криминогени групи, посочи Мукоски, прашувајќи ги пратениците од СДСМ дали се воопшто свесни што предлагаат.
Очигледно, додаде, целта на СДСМ е лов на вештерки.
– Сериозна партија сте, понудете нешто логично, да размислиме, па и да го прифатиме. Со вакви смешни предлози само ги замарате граѓаните, рече Мукоски.
Тој во почетокот на својата расправа подвлече дека најеклатантен пример за кршење на законите при објавувањето на јавните набавки, спроведувањето непотизам и давањето тендери на роднини, е лидерот на опозицијата и градоначалник на Струмица.
На тоа реплицираше Софија Куноска од СДСМ со став дека не постои по нормален, по природен, по оправдан и по логичен закон од овој.
– Не интерсира каде од 2002 година се потрошени парите за кои се зголеми јавниот долг, од 1,7 на 3,9 милијарди евра, рече Куноска и повика ВМРО-ДПМНЕ да го донесе законот за да се види како се трошат парите во Струмица, но и во другите општини.
Со ваквото законско решение, оцени Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, СДСМ сака да ја врати Македонија во времето на сталинизмот.
– Во мојата пратеничка кариера ваков предлог-закон не сум сретнала, ниту мислам дека ќе сретнам. Не знаете што сакате со него, ниту пак решението има реална вредност, рече Авировиќ, додавајќи дека СДСМ нуди транспарентост, а не знае што се слчучува во нејзиниот двор.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски по оваа точка ја прекина седницата и рече дека продолжението ќе биде дополниотелно закажано. На дневен ред останува уште Информација за проблемот со се поголемото иселување особено на малдите од Република Македонија, поднесена исто така од СДСМ.
Вељаноски воедно им го честита претстојниот државен празник, 11 Октомври, на македонските граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шумската мафија годишно заработува и до 25 милиони евра (видео)
-
Ново продолжение на Собранието за бришење на РМ утре во 11 часот
-
Предлог законот за амнестија на лицата обвинети за „27. април“ не е усвоен
-
Буџетот за 2019 година на владина седница, денеска последен законски рок да стигне во Собранието