| четврток, 6 декември 2018 |

Климатските промени негативно ќе влијаат врз земјоделството и производството на храна во светот

Климатските промени, како на кус рок така и долгорочно, секако ќе имаат влијание врз земјоделството и производството на храна во светот. Како да се заштитат земјоделците во такви новонастанати услови и кои препораки да им се дадат на производителите на храна за навремено реагирање, се прашањата на кои одговор се бара и на вториот по ред Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна што се одржува во Охрид.

Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделство при УКИМ што е и организатор на симпозиумот, истакна дека собирот во Охрид ќе биде добра можност производителите на храна во сите области на земјоделството да се запознаат со практиките и достигнувањата во светот, но и самите да ги претстават мерките што тие ги спроведуваат како за заштита на културите, така и за зголемување на приносите. На симпозиумот во Охрид ќе бидат претставени повеќе од 300 научни трудови од експерти, професори по земјоделство од 22 држави од светот.

Истражувањата спроведени во Македонија покажуваат дека дефинитивно во регионот климатските промени сериозно ќе ги лимитираат проиносите, најмногу поради недостиг на вода. ­

– Климатските промени, дури и во кус рок некаде до 2030 година, во Македонија ќе почнат да покажуваат негативен ефект, односно намалени приноси. За среќа, македонските земјоделци преземаат адаптивни практики како мерки за прилагодување кон новонастанатите околности, преку наводнување на обработливи површини. Доколку се спроведат секторски промени за проширување на површините што ќе се наводнуваат, климатските промени во кус рок нема да остават сериозно последици по македонското земјоделство – истакна Ордан Чукалиев, професор по наводнување при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top