На патот кон Дебар се наоѓа селото Долно Косоврасти каде што има термоминерални води, кои мирисаат на сулфур, но кои се најлековити во Европа, а трети во целиот свет. По патот ја гледаме бањата Косоврасти, која сега е целосно уредена. Водите во близината направиле цела една кристална планина каде што се наоѓа рудникот на „Кнауф“. За жал, овој рудник не е отворен за туристи, но со најава и со групи ученици може да го посетите – што е, навистина, прекрасно искуство.
Сите се сеќаваме на музиката на Тони Китановски снимена во окното на рудникот во Косоврасти среде кристалите… Е го посетивме токму овој рудник. Сместен е во близина на Дебар, поточно под регионалниот пат Маврово – Дебар, кај село Рајчица, а гипсот во него е во форма на кристали. Термалната вода, која е во близина, влијаела да се формира оваа цврста и чиста форма на кристал. Во гипсените талози нема многу јаловина и од таму се вадат чисти и големи парчиња и до 10 метри.
Рудникот се наоѓа на 90 до 200 метри под површината и речиси целата планина е со гипс во три варијанти: алабастер, анхидрит и кристалот селенит. На влезот нѐ пречека водачот Рефик Имами, кој на мошне интересен начин ни раскажа за чистината на кристалот, која изнесува 99,99 проценти, што е единствена во светот. Евентуално во Мексико се претпоставува дека има гипс со слична чистина. Господинот Рефик ни раскажа низа доживувања со кои се сретнал низ годините претставувајќи го кристалот. Од неверувањето на германските геолози дека е возможно да постои кристал што има толкава чистина, преку огромните димензии на кристали што им ги подарувале на геолозите, кои од најразлични страни на светот доаѓале да се уверат во неговата чистина, па сѐ до тоа како успеал да добие виза за Америка благодарение на успешната презентација на квалитетот на гипсот.
На крајот на презентацијата, на сите ни рече да си земеме од кристалите толку колку што можеме да понесеме, бидејќи таков им е обичајот кога некој ќе им дојде во посета и, се разбира, нѐ замоли за заедничка фотографија за нивната архива.
Во рудникот се влегува со заштитни шлемови зашто отворот е тесен и низок, па на места се движите подгрбавени бидејќи може да си ја чукнете главата, но набрзо пред вас се отвора осветлен широк простор, кој светка од белината на кристалот. Воздухот внатре е свеж, на одредени места мириса на сулфур, а температурата, како што ни рекоа, е секогаш иста и изнесува 17 степени. И во зима и во лето.
Тоа што внатре ќе се распостеле пред вашите очи може да се види само во Македонија и на ниту едно друго место во светот. Од глетката ви запира здивот. Станува збор за Кристална пештера, како што ја викаат локалните жители, а во неа може да се најде и види уникатниот кристал – селенит. Овој кристал на селенит се користи исклучително во медицината. Од него се произведува прав што се користи за изработка на гипс и на лонгети.
– Во минатото целиот простор на поранешна Југославија го снабдувавме со гипс за медицински потреби – ни вели Рефик. Немаше болница што за скршеници не користеше наш гипс.
Многумина стручњаци и студенти од целиот свет биле во Кристалната пештера, вршеле испитувања и си заминале со еден ист заклучок, ова е чудо на природата.
– Го препорачуваат и за чистење на лошата енергија. Ставете едно парче покрај главата каде што спиете и веднаш енергијата ќе се подобри – нѐ советуваше Рефик.
Малку подлабоко во рударското окно се забележува дека огромните сводови и таванот, кој некаде е висок и по десетина метри, не се потпира на греди или на каква било конструкција. Се држат самите. На секои десетина метри во рудникот има огромен ходник, кој води лево или десно од минијатурната пруга по која рударите ги туркаат количките полни со кристалот. Подот е испресечен со минијатурни поточиња од термалната вода, која иако мириса на сулфур, има лековито влијание.
– Оваа вода е многу лековита. Извира на околу еден километар од тука и под притисок го пробива патот до тука. Температурата кај изворот е меѓу 40 и 50 степени, но тука е постудена, кристалот ја лади. Полна е со калциум, магнезиум и со сулфур, кои прават исклучително и уникатно соединение. А кората, на површината, се користи во козметиката и во фармацијата и е многу здрава за човечката кожа – ни рекоа.
Дупчено е до 23 метри во длабочина и сѐ е полно со кристал. Засега има три ката, меѓу кои има плочи дебели меѓу 5 и 6 метри со оџаци за воздух и материјали поради безбедност на рударите.
Први што го откриле ова место се Римјаните, кои пред повеќе од две илјади и двесте години поставиле рудник. Внатре се движите по тесна патека, но нема потреба од безбедносни греди во рудникот – самиот кристал е толку заплеткан во мрежа, што самиот по себе формира природна целина погодна за посета. Не постојат опасни гасови и досега никогаш немало инциденти. Рудникот, навистина, има потенцијал да стане своевидна туристичка атракција.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 161. број на неделникот „Република“, 2.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.