Обраќањето на првиот понтиф на католичката црква, кој имал можност да говори на заедничка седница на американскиот конгрес на која присуствуваа и голем број други американски достоинственици, траеше 45 минути и во него папата успеа да ги начне сите теми со кои се соочуваат Америка и голем дел од другиот модерен свет. Папата Франциск упати низа пораки со кои од една страна отворено ја пофали Америка за нејзините достигнувања како слободна земја, но, во исто време, ѝ порача дека треба да биде потолерантна и поурамнотежена додека ги решава светските проблеми.
Франциск побара од Американците да се почитуваат имигрантите од Латинска Америка и од целиот свет затоа што човештвото се соочува со бегалска криза со интензитет што не е виден од Втората светска војна.
- Не треба да се исплашиме од нивниот број туку да ги гледаме како личности, да ги видиме нивните лица, да ги слушнеме нивните приказни и да се обидеме да им помогнеме на најдобар начин – рече Франциск во својот говор во кој даде и прецизни совети каков треба да биде пречекот на бегалците.
- Тие треба секогаш да се третираат на хуман начин, правично и братски – рече лидерот на 1,2 милијарда католици низ целиот свет, кој побара од Американците да се борат против човечката слабост, која ги наведува луѓето да избегнуваат секаков товар што може да предизвика проблеми во удобниот живот.
Папата пред Конгресот на САД во говорот што веќе се толкува како историски зборуваше на англиски јазик, говорејќи полека и со силен аргентински акцент.
И покрај тоа што дел од неговите пораки беа индиректна критика на американскиот начин на живот, тој често беше прекинуван со долги аплаузи. Голем дел од присутните беа генерација или постари од римскиот понтиф.
Завршувајќи го делот од говорот посветен на иселениците Франциск на Американците им порача дека како луѓе од овој континент (американскиот) не треба да се плашиме од странците затоа што најголем дел од нас некогаш биле бегалци. Со тоа тој, меѓу редови, потсети дека најголем дел од американските граѓани потекнуваат од семејства што некогаш биле емигранти, кои во Америка нашле прибежиште од сиромаштија, војни и од други незгоди.
Папата и неговите соработници не случајно ја избрале темата миграција како една од главните во неговото обраќање, знаејќи дека една од главните теми во предизборните дебати и кампањи за избор на идниот американски претседател е токму прашањето за илегална имиграција. Прашање што секогаш било едно од централните во американските кампањи, но кое сега стана жешко, кога засега најпопуларниот републикански кандидат Доналд Трамп својата кампања ја почна со обвинувања кон Мексико. Според Трамп, од Мексико во САД пристигнувале „силувачи“ поради што, ако биде избран за претседател, на границата со Мексико ќе изгради непремостлива ограда. Голем дел од тие што во своите кампањи говорат за илегалната имиграција беа во салата за време на говорот на папата и често му ракоплескаа. И покрај тоа, тешко е да се очекува дека во политичката практика ќе ги спроведат во дело неговите совети како да се третираат имигрантите. Доналд Трамп не беше споменат по име од страна на поглаварот на католичката црква, но познавачите лесно ќе забележат дека неговите изливи на непријателство кон имигрантите беа повод за ваквото обраќање на папата.
Папата Франциск е еден од ретките верски лидери што во САД говореа за тема што ја избегнуваат дури и голем број политичари. Тој од земјата што долго одолева на поставување стандарди против загадувањето на животната средина поради негативното влијание на индустријата, побара да преземе акција против климатските промени.
- Повикувам на храбри и на одговорни чекори за да се спречи најсериозниот ефект на нарушувањето на животната средина предизвикан од човечка активност. Убеден сум дека ние можеме да направиме промена и немам сомнеж дека САД и овој состав на конгресот можат да ја одиграат оваа важна улога – порача папата пред највисоките претставници на САД, земја што, иако има план за намалување на штетни гасови од електричните централи, никогаш не го ратификува Договорот од Кјото за намалување на емисија на штетни гасови.
Домаќини на папата Франциск во Конгресот беа двајца католици, претседателот на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Џон Бохнер, и потпретседателот на САД, Џо Бајден, кој е демократ. Како вистински политичар, кој знае кога и како да направи рамнотежа за да не навреди некој од американските домаќини, откако прво ги пофали напорите на републиканците за укинување на правото на абортус „за да се заштити и одбрани секое човечко битие во секоја фаза од неговото постоење“, тој веднаш со вешт маневар ги смири и демократите. Папата побара укинувањето на смртната пресуда против која се борат и демократите со што успеа да направи политичка рамнотежа во американскиот законодавен дом.
Франциск во својот говор не сакаше да ја скрие загриженоста за ерозијата на семејните вредности и да испрати порака против хомосексуалните бракови и граѓански врски меѓу луѓе од ист пол. Според него, семејството како основа на општеството е загрозено како никогаш претходно, однатре и од надвор.
- Дури и основните врски, кои се база за бракот и за семејството, се ставени под знак прашање. Во оваа пригода можам само уште еднаш да ја нагласам важноста на богатството и на убавината на семејниот живот – рече папата, кој со ова веројатно испровоцира дел од либерална Америка, но, сепак, не сакаше да го премолчи прашањето што е едно од централните теми во неговите јавни настапи.
Многу повнимателен беше во однос на фундаментализмот, при што не спомена ниту една религија или политичка идеологија. Побара од САД да се борат урамнотежено против екстремизмот од секој вид. Според него, без урамнотеженост, битката со насилство предизвикано од религија, идеологија или од економски систем е загубена ако во неа не се зачува религиозната, интелектуалната и личната слобода.
Првите стоечки овации папата во Конгресот ги доби на темата човекови права и на прашањето за расна еднаквост во САД откако го спомена Мартин Лутер Кинг, борецот за правата на Афроамериканците. Првиот аплауз дојде од Тери Севел, членка на Конгресот од Демократската партија, која седеше до конгресменот Џон Луис, еден од учесниците во маршот за правото на глас од Селма до Монтгомери во државата Алабама, кој се случил пред половина век. Говорејќи за сонот на Лутер Кинг за целосни граѓански и политички права за афроамериканските демонстранти пред 50 години, папата Франциск пред Конгресот порача:
„Тој сон продолжува да ни дава инспирација на сите нас“.
Дел од поентите на говорот на папата во Конгресот на САД
- Ние, луѓето од американскиот континент, не се плашиме од странците затоа што најголем дел од нас некогаш биле странци
- Нашите напори мора да бидат насочени кон враќање на надежта, исправање на грешките, одржување на ветувањата и со тоа промовирање на благосостојбата за луѓето и за народите.
- Мораме да се одбраниме од поедноставување, кое гледа само добро и зло или безгрешни и грешници
- Да се имитира омразата и насилството на тираните и на убијците е најдобар начин да се заземе нивното место
- Борбата против сиромаштијата и глaдот мора да се води постојано и на многу фронтови, особено против причините за нив
- Овде мора да се прашаме: Зошто смртоносно оружје се продава на тие што планираат да им предизвикаат болка за луѓето. За жал, одговорот, како што знаеме, е пари. Пари што се натопени со крв, најчесто крв на невини луѓе.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 161. број на неделникот „Република“, 2.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Папата Франциск во мај, 2019 ќе ја посети Македонија
-
Папата со критики за телевизиската дебата Макрон – Ле Пен: Тие фрлаа камења, не чекаа другиот да заврши
-
Македонска делегација на церемонијата на канонизација на Мајка Тереза
-
Папата Франциск ќе потпише декрет со кој Мајка Тереза ќе биде канонизирана