| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски:Програмата за рурален развој за Крива Паланка предвидува над милион евра

kriva

Владата одобри над милион евра за Општина Крива Паланка преку Програмата за поддршка на руралниот развој  за 2015 година на  Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој- изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски при денешната посета на Крива Паланка.

По повод 8 Октомври – Денот на ослободување на Крива Паланка, Пешевски се обрати на свечената седница во Општината,  при што нагласи дека владината поддршка за оваа општина континуирано се остварува особено преку шесте проекти кои ќе бидат реализирани во претстојниот период и ќе придонесат за поголем економски просперитет на општината.

– Одобрените проекти ќе придонесат за подобрување на економијата во општината, за подобрување на животот на граѓаните во руралните и приградските средини. Одобрени се три проекти со кои ќе бидат изградени вкупно 7,2 километри канализациски системи во село Мождивњак, село Дурачка Река и село Длабочица и ќе бидат изградени локални патишта во должина од околу пет километри во селата Жидилово, Варовиште и село Кркља – рече Пешевски.

Како човек од овој крај, нагласи, горд сум што ќе можеме да посведочиме за се поголемиот развој на општината во изминатите години.

– Ни претстои уште многу работа што заедно како Влада и локална самоуправа треба да ја завршиме, уште многу проекти за работа кои ќе обезбедат развој на општината и поквалитетен, но и европски живот на граѓаните. Тоа ќе се постигне преку добрата заедничка соработка на централната и локалната власт што и досега покажа одлични резултати –  наведе Пешевски.

Пешевски им го честиташе Денот на ослободување на кривопаланчани, истакнувајќи дека овој ден е симбол на слободата, на пркосот на нашиот народ и потсетник на борбата против фашизмот како најголемо зло на 20. век.

– Овој празник нека биде потсетник на минатото, на маката која нашиот народ ја истрпел за да дојде до она што природно му следува – слободата, независноста и правото на самоопределување. Овој ден е наша водилка за иднината, ни го покажува правецот кој треба да го следиме. Треба да ја сакаме нашата родна грутка, да ја негуваме и со заеднички сили да ја направиме поубаво место за живеење – рече Пешевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top