| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на македонската книжевност во Хрватска

Делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје предводена од директорот Иван К. Заров, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Националната и универзитетска библиотека во Загреб, Хрватска. Тој ќе се сретне со неговата хрватска колешка Татијана Петриќ, со која ќе присуствуваат и на манифестацијата „Денови на македонската книжевност во Хрватска“.

Оваа манифестација опфаќа репрезентативна изложба на книги преведени од македонски на хрватски јазик во периодот од 1990 до 2015 година со гостување и со настап на тројца македонски писатели, и тркалезна маса посветена на преводот и преведувањето, како и на можностите за збогатување на фондот на преведени дела од македонски на хрватски јазик и обратно.

На свеченото отворање на изложбата ќе се обратат директорите на македонската и на хрватската национална библиотека и помошник-министерот за култура на Хрватска, Владимир Стојсављевиќ.

Македонските писатели Лидија Димковска, Блаже Миневски и Владимир Илиевски ќе читаат извадоци од свои познати дела на македонски јазик со превод на хрватски јазик, а следниот ден ќе учествуваат на трибината за преводот, чиј координатор ќе биде проф. Борислав Павловски. Најавено е учество на повеќе издавачи, книжевни агенти и писатели од Хрватска.

По претставувањето на хрватската книжевност во Скопје во 2014, ова е возвратна манифестација за претставување на македонската книжевност во Хрватска која треба да иницира поинтензивна соработка за меѓусебно приближување и запознавање на книжевностите на соседните земји. Следната година овој проект продолжува со реципрочна соработка со бугарската Национална библиотека, а потоа и со словенечката, црногорската, босанската, романската…

Основната идеја на овој концепт е дека со конкретна комуникација меѓу книжевностите на земјите од југоисточна Европа не само што ќе се потврди и поддржи потребата за меѓусебно приближување, размена и превод на врвни книжевни дела, туку ќе се отворат и нови можности за уште поголема културна комуникација на народите од овој дел на Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top