| четврток, 6 декември 2018 |

Русија ѝ продавала оружје на Словенија за да се бори против ЈНА

Словенија купувала оружје од Русија во текот на ембаргото на Обединетите нации на почетокот на 90-тите години на минатиот век, во времето на распадот на СФРЈ. Истражувањето на словенечките новинари Блажа Згага и Матеја Шурца објавено во книгата „Во име на државата“ покажало дека Словенците купиле повеќе стотини руски современи ракети СА-16 и АТ-4 за кои платиле повеќе од 30 милиони долари, а биле користени во судирите со ЈНА. Новинарите пишувале и за продажбата на муниција и минско експлозивни средства од магацините на ЈНА кои ги освоила словенечката Територијална одбрана, но и оние кои ги напушти југословенската армија во октомври 1991 година.

– Словенија продаде повеќе илјади тони воени резерви на Хрватска и БиХ, и тоа за повеќе од десетина милиони марки и долари во кеш. Парите завршија во касата на Министерството за одбрана на Словенија, кое го водеше Јанез Јанша – вели Згага.

Според информациите објавени во книгата, Словенците им продавале противоклопно и противавионско оружје на Хрватите уште во есента 1990 година иако тогаш СФРЈ сѐ уште официјално постоеше.

– Кога морнарицата на ЈНА ги блокираше хрватските пристаништа во есента 1991 година, повеќе илјади тони оружје и муниција дојде во единственото словенечко пристаниште – Копар и веднаш камионите биле проследени во Хрватска и во БиХ. Тоа беше направено со помош на тајните служби на тие земји. Во Копар во периодот меѓу јуни 1991 година и февруари 1992 година пристигнале најмалку 20 брода од многу земји. Најголемите пратки со оружје дошле од Бугарија, Полска, Украина и во Романија. Само Романија испратила 3.500 тони оружје, а Хрватска со Украина имала договор за испорака на 12.000 тони оружје – пишуваат словенечките новинари.

Авторите во нивната книга објаснуваат и како словенечките политичари успеале да ги прикријат нивните илегални дејствија и како го корумпирале правосудството во Словенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top