Европската комисија и Турција разработиле план за да се спречи приливот бегалци во Европа, пишуваат германските медиуми, повикувајќи се на извори во Комисијата и во германската влада.
„Франкфуртер Алгемајне Сонтагзајтунг“ наведува дека според тој план, Турција ќе мора подобро да ја штити својата граница со Грција, а турски и грчки служби заедно ќе патролираат во источниот дел на Егејското Море.
Акцијата ќе ја координира Фронтекс, кој ќе ги враќа сите бегалци во Турција.
Во Турција ќе бидат изградени шест нови бегалски кампови, со делумно финансирање на ЕУ, кои ќе мораат да примат два до три милиони луѓе, пишува „Хина“.
Според тој план, членките на ЕУ се обврзуваат да примат дел од бегалците за да се преместат во Европа до половина милион луѓе, а притоа да не мораат да им плаќаат на шверцерите или да се изложуваат на опасен пат по Средоземното Море.
Исто така, се наведува дека тој план е договорен минатата недела и дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер ,во врска со тоа се советувал со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд.
Турскиот претседател Таип Ердоган би требало во понеделник да се сретне со Јункер, а портпаролот на ЕК рекол дека состанокот ќе биде посветен на начините на „јакнење на соработката за заедничко соочување со бегалската криза“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.