Кога пет девојки ќе се најдат на иста бранова должина и кога нивните енергии ќе се спојат во едно, тогаш се големи шансите производот да биде добар, успешен, продаван. Посебно, кога се вљубени во тоа што го работат, апсолутно посветени, предадени на работата, на материјалите, шнитовите, волната, кожата, парчињата со кои работат. Од нивните вредни раце излегуваат прекрасни фустани, здолништа, палта, чанти, капи, чевли, модни додатоци… И тоа го гледаме како смело го носат урбаните млади по скопските улици.
Во Скопската чаршија се наоѓа модното студио на македонската дизајнерска марка за машка и за женска облека и за модни додатоци „Тешко е да се објасни“ (Hard to explain), кое го сочинуваат три дизајнерски имиња – Катерина Попева, Марија Дацевска и Марија Домазетовска. Во ателјето се и Магда Величковска и Катерина Микрут. Секоја од нив има свој дел што го работи.
Вечерва тие на скопската модна недела која е во тек ќе се претстават со моден перформанс што првенствено како цел си ја поставува најхрабрата популација меѓу авангардата во модата бидејќи за да се носат овие природни креации со широк спектар на бои треба да се има издржан моден концепт
Попева е модна дизајнерка што факултетот за моден дизајн го завршила во Бугарија и таа е задолжена за скицирање, дизајн на облека и за моделирање. Дацевска изработува ракотворби, накит, модни детали и додатоци, а Домазетовска се занимава со плетење, везење, изработка на материјали од ткаенини, модни додатоци и накит. Величковска шминкерка, задолжена за шминката на ревиите, а Микрут прави плетени изработки и е задолжена за маркетингот.
– Живееме во време во кое многу од работите што ги правиме, а особено тие што потекнуваат од интуитивниот дел од нас, се тешки за објаснување, особено тоа што сакаме да го изразиме како уметници. Одговорот на тоа како твориме и креираме е – „hard to explain!“ – вели Катерина Попева.
Оваа марка е уникатен спој, кој во себе ја носи целата инвентивност и индивидуалност на неговите креатори. Разновидноста на стиловите, посебната комбинација на разновидни материјали и дезени, карактеристичниот колорит се само дел од работите својствени за креациите на оваа марка.
– Работиме исклучително со природни материјали, а откако студиото го префрлиме во Старата чаршија сега ни е многу полесно за набавување на материјалите. Тука имаме и шапкари и чевлари и посебно дуќанче од каде што ги набавуваме материјалите – вели Попева, која додава дека тоа што ѝ е потребно за колекцијата некогаш го наоѓа и во странство.
Магда Величковска е ангажирана како шминкерка.
– Долго време се познаваме меѓу себе и уживаме во работата и во соработката. Шминките за оваа ревија ќе бидат театарски, со посилен колорит, кој треба да се вклопи во целата приказна. – вели Величковска.
Катарина Микрут е Полјачка, која веќе неколку години е во Македонија и во својата родна земја го изучувала македонскиот јазик и тоа ја довело кај нас.
– Со „Хард то експлејн“ се запознавме на „Саемот на жената“ минатиот декември. Помагам во плетените изработки и во маркетингот. За многу работи убаво е се поделат обврските. Најмногу уживам во креирањето. Имаме слични стилови, но секој си го работи тоа што го сака. Мене лично претставувањето на скопската модна недела ќе ми биде прво и едвај го чекам настанот. Би сакала да ми се зголеми продажбата бидејќи и пазарот во Скопје е поголем. Имаме и постојани клиенти, но и нови – вели Миркут, чијашто марка е „мика дизајн“ и таа заедно работи и изложува во студиото со тимот на „Хард то експлејн“.
Оваа дизајнерска марка има зад себе повеќе успешни модни ревии, перформанси и костимографија за театарски претстави – пред модната публика во Македонија и надвор од неа. Тие биле дел од самостојната ревија „Македонски фолклор трансформиран во моден костим“ (Скопје, 2002); Модест 2002 – златна плакета „Билјана“ за најуспешен дебитант; Едиторијал – Скопски филмски фестивал (2004); Моден викенд Софија (2005); Самостојна ревија – „Подреден хаос“ (Скопје, 2006); Едиторијал – Скопски саем (2008); потоа двапати учествувале на модниот викенд во Скопје, 2010/2011; (2012/2013).
– Како посебна, според видувањата на модните кругови, е неодамнешната колекција „Воини од племето“ (Warriors of the Tribe 2012/2013), каде што успеавме да ги презентираме своите вештини во целост – додава Попева.
На модната недела во Скопје, која почнува во април, оваа дизајнерска марка ќе се претстави на 5 април со „Градина на мечтите“, што е симболички моден перформанс, кој првенствено, како цел си ја поставува најхрабрата популација меѓу авангардата во модата.
За да се носат овие природни креации со широк спектар на бои, навистина треба да се има издржан моден концепт. Особено е важно што овие три креативни модни креаторки решија суштината на модната авангарда во оваа модна урбана колекција, да ја подвлечат со една елегантна нота што се доближува до „обичниот“ човек. Перформансот е по сценарио и режија на Војо Цветанковски, а учествуваат актерите од „Театарот од вториот кат“.
Пишува: Александра Мазнева – Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.