Блискиот Исток денес ќе беше многу постабилен доколку поранешните лидери на Ирак и Либија, Садам Хусеин и Моамер Гадафи се уште беа на власт во своите земји, изјави американскиот бизнисмен Доналд Трамп, кој е еден од главните фаворити за републикански кандидат за претседател на САД на изборите во 2016 година.
– Ако ја погледнете Либија ќе видите што направивме таму. Таму е целосен хаос, Ако го погледнете Ирак на Садам Хусеин, ќе видите што направивме таму. И таму е целосен хаос, изјави Трамп за американската телевизија Ен-Би-Си, правејќи паралела на овие две држави со актуелните заложби на западните земји за смена од власта на сирискиот претседател Башар ел Асад.
Според Трамп, доколу Асад биде соборен од власта по интервенција на Западот и Сирија ќе западне во ист хаос како и Ирак и Либија.
Запрашен од водителот дали Блискиот Исток ќе беше постабилен ако Садам Хусеин и Моамер Гадафи се уште беа на власт, Трамп одговори: „Секако дека ќе беше“.
Претходно, Трамп изјави дека ја поддржува акцијата на Русија за воздушни напади врз цели на џихадистичката група Исламска држава (ИД) и покрај тоа што Москва го поддржува режимот на Асад.
– На местото на Асад би можел да дојде некој друг, кој би бил многу полош од него, изјави Трамп.
Според анкетите на јавното мислење, Трамп е убедливо најпопуларен меѓу членовите и симпатизерите на Републиканската партија од сите претенденти на републиканците за номинацијата американски претседателски кандидат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.