Во издание не „ПНВ публикации“ деновиве од печат излезе стихозбирката „Лоши песни“ од Братислав Ташковски во која, според рецензијата, е присутна тивката тага – метафизичка или емотивно лирска, која е честа во книгите на Ташковски.
– Тивката тага била дел од тематите на љубовта, од распластувањето и расшивањето по рабовите на библиските сртови, од ирониските осилки на Ташковски упатени кон актуелните настани од животот, кои во извесна мера биле и остануваат и понатаму предмет на поетската возбуда на авторот. Но, тивката тага во книгата „Лоши песни“, како навев на лоша среќа, како дотек на лоша вода, како отелотворение на лошата мисла, како неизбежен судир со темниот ѕид во секојдневната виделина на животот е перманентно присутна димензија, како дел од песната, која сака да ни го прикаже светот на ташковски судбински прекршен по педесеттата, неразделен од морната димензија, како пребогат род неразлачлив од лошите зрна – соопшти издавачот. Илустрациите за книгата „Лоши песни“ се на академскиот сликар Сергеј Андреевски.
Братислав Ташковски (Скопје, 1960), студирал новинарство. Досега објавил триесетина книги проза, поезија и драма. Добитник е на многубројни награди меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и Државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката. Застапуван е во многу антологиски избори од македонската поезија. Иницијатор е и главен уредник на списанието за книжевност и за култура АКТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.