| четврток, 6 декември 2018 |

Францускиот виолончелист Марк Копеј вечерва ќе настапи со студенти од ФМУ

Познатиот француски виолончелист и диригент Марк Копеј вечер ќе одржи концерт со Камерниот оркестар на Факултетот за музичка уметност „Солисти на ФМУ“ во Музејот на македонската борба.

Копеј, кој е професор на Високиот национален конзерваториум за музика во Париз, ќе настапи како солист и ќе диригира со Камерниот оркестар на ФМУ, раководен од проф. Велко Тодевски. Неговото гостување е во рамки на редовната практика на Факултетот да поканува истакнати гостувачки професори и видни уметници, кои ги пренесуваат своите знаења и искуства на македонските студенти.

Марк Копеј се смета за еден од водечките современи камерни уметници на виолончело. Добитник е на двете највисоки награди на Баховиот натпревар во 1988 година – Прва награда во категоријата до 18 години и наградата за најдобра интерпретација на дела од Бах. Тој е уметнички директор на Фестивалот за камерна музика во Колмар и држи мајсторски курсеви насекаде во светот. Свири на редок вид виолончело од Матео Гофрилер (Венеција, 1711).

– Нашите студенти од Камерниот оркестар на ФМУ со огромно задоволство се подготвуваат да бидат предводени од овој исклучителен уметник, кој на публиката ѝ нуди дела што ретко се изведуваат од други музичари. Токму затоа се вели дека неговиот репертоар е еклептичен и иновативен. Тој ги извел светските премиери на Концертот за чело на Лено, Првиот концерт за чело на Танги и француската премиера на Концертот за чело на Елиот Картер. Во ноември 2009 година е избран да ги свири Баховите дела во Париз, на плоштадот Конкорд, на прославата по повод 20 години од падот на Берлинскиот ѕид, изјави  Гордана Јосифова-Неделковска, декан на ФМУ.

Покрај солистичкото претставување на Копеј со Хајдновиот концерт во Де-дур, на програмата на вечерашниот концерт се и Дивертименто (Салцбуршка симфонија бр.1) на Моцарт и Серенада за гудачи од Чајковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top