Домот на културата „Трајко Прокопиев“ во Куманово синоќа беше преполн од вљубениците и почитувачите на театарската уметност. Особено оние љубители на комедијата следниве две недели ќе уживаат во претставите на театрите од земјава и регионов.
„Деновите на комедијата“ ги отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која посака уште многу успешни изданија на манифестацијата.
-Фестивалот „Денови на комедијата“ кој е најстар фестивал од овој вид во нашава земја веќе 18 години ја негува традицијата на претставување на квалитетни театарски дела од можеби најспецифичниот жанр во театарската уметност-комедијата, жанр кој бара исклучително знаење, искуство и инвенција од театарските уметници, рече Канческа-Милевска.
На сцената на оваа манифестација во изминативе години играа бројни ансамбли презентирајќи ги делата на Нушиќ. Држиќ, Шекспир…, а Куманово како и секогаш се покажа како добар домаќин и стана средиште на смеата и среќата. Посакувајќи им многу смеа во деновите што следуваат, актерката Јелена Жугиќ, директор на Театар Комедија им посака добредојде на присутните.
– Преводот на старогрчкиот збор комедија значи весела песна. Па така, судирот, дејствието и личностите кои ќе ги видите на сцената во Куманово се прикажани во смешна форма. Комедијата се во животот го прикажува од смешната страна. За благотворното дејство на смеата се знаело уште во минатото и затоа меѓу народите постојат многу изреки. Ирците велат дека смеата е „музика за душата“, Кинезите дека е „мелем на душата“, Јапонците, пак ја поистоветуваат со среќата бидејќи сметаат дека среќата влегува во домот од каде се слуша смеа…
Се надеваме дека со програмата која ја подготвивме за годинешното издание на „Денови на комедија“ преку смеата ќе внесеме среќа во вашите домови, рече Жугиќ.
За музичкиот дел од програмата се погрижи најанаградуваниот хор во Македонија „Женскиот младински хор“ под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
На отворањето на „Денови на комедијата“ синоќа „Театар Комедија“ ја одигра претставата „Нешто пропуштаме“ работена според текстот на Горјан Милошевски, а во режија на Бојан Трифуновски. Во претставата актерот во Македонскиот народен театар (МНТ) Сашко Коцев гостува во Тетар Комедија. Претставата која ги отвора овогодинешните „Денови на комедијата“ во Куманово се занимава со театарот и неговата суштина.
Станува збор за театарска група која нема идеи за добри претстави и мора да прифати наметнати теми за да добие грант, кој ќе им обезбеди нова продукција.
– Тие сакаат да направат нешто свое, но ништо не им оди. Нешто пропуштаат. Текстот зборува за нешто многу актуелно, а тоа е проституцијата на уметноста. Тоа може да биде која било екипа која се бори да добие средства за да реализира проект. Кои се лимитите што може да ги надмине еден човек, колку може да падне за да се оствари проектот, како тоа влијае на хуманите аспекти на таа група и како ги исчашува од нивните нормални, секојдневни пријателски односи, вели авторот Милошевски.
Авторскиот тим кој работи на претставата го сочинуваат : Љупчо Јованов – сценографија, Искра Џокиќ – костими и Емин Џијан – музика. Во претставата освен Коцев, играат и актерите од Театар Комедија: Нина Деан, Валентин Костадиновски, Жаклина Петровска и Столе Мицов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.