Почна подготвувањето на теренот за реставрација и конзеврација на една од најстарите зачувани џамии во Битола, Исаковата џамија. Џамијата е веќе заградена, а ќе има зафати во дворот, минарето, зелената површина, целосна надворешна и внатрешна конзервација и реставрација, не информира битолскиот муфтија Плуми Велиу. Носител на проектот е Исламската верска заедница, кој, исто така, е финансиски поддржан и од турската агенција ТИКА. Џамијата е сопственост на ИВЗ, но таа е прогласена за споменик на културата од прва категорија, па така надзорот ќе го вршат Националниот конзерваторски центар на Македонија во соработка со надзорна куќа од Анкара, како и Заводот за заштита на спомениците на културата од Битола. Градежните работи ќе ги врши фирмата „Таксим Јапи“ од Турција, една од најреномираните фирми за работа во вакви објекти во Турција. Реставрацијата и конзервацијата ќе траат најмалку две години. Инаку оваа џамија е изградена во 1506 година од Исак Челеби и е само дел од неговиот голем вакаф. Освен оваа џамија, изградил и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и многу други објекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.