Овој викенд во просториите на СОКОМ, реномираниот словенечки гитарист и композитор Нејц Кухар ќе одржи семинар наменет за композиторите и гитаристите, како и за студентите од факултетите за музичка уметност во Македонија. На семинарот, учесниците ќе имаат можност одблиску да се запознаат со проширените техники за изведба на гитара, а во соработка со Кухар да создадат и нови композиции, кои следната, 2016 година ќе бидат претставени на фестивалот „Денови на македонска музика“.
Нејц Кухар дипломира гитара на Универзитетот во Љубљана, а магистрира гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена и композиција на Виенскиот конзерваториум. Во моментов е предавач на Музичката академија во Франкфурт. Кухар е музичар со големи познавања за проширените техники на изведба на гитарата, а неговите композиции се задолжителни пиеси на многу европски и светски натпревари за гитара. Неговите дела се објавени од страна на реномирани издавачки куќ како Berben(Италија) и Les Production d’Oz (Канада). Неодамна, за РТВ Словенија излезе и неговото ЦД “String Modulations”со музика за гитара во изведба на Мак Гргич и неколкумина од најдобрите словенечки музичари од младата генерација.
Како гитарист, е добитник на повеќе награди во Словенија, Србија, Италија и Германија. Во 2012 гоина е избран меѓу 164 натпреварувачи во финалето на 23-тиот натпреварHaverhill Sinfonia Soloist во Англија, како единствен класичен гитарист во историјата. Нејц Кухар е добитник на бројни награди и за неговите композиции. Композицијата „Шест минијатури, за секоја сезона по една“ освојува Прва награда на два меѓународни натпревари, додека „Свашта“ за соло контрабас освојува Прва награда на Рециталниот музички натпревар во Англија, а добива и почесно признание на ISB Composition Contest во САД. Неговото Кончерто за тимпани и ансамбл на перкусии ја добива Третата награда на натпреварот во Москва (во конкуренција на 200 композиции) и Втората награда на натпреварот „Фиделио“ во Виена. Истото дело е неколкупати изведено во престижните сали Musikverein и Konzerthaus во Виена.
Кухар редовно настапува со соло рецитали во САД и на повеќе фестивали низ Европа. Неговите концерти се одликуваат со посебна харизма и уникатност, а неговите композиции критичарите ги споредуваат со делата на големите мајстори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Прво ЦД издание на македонскиот композитор Вулнет Таири
-
Даниел Жонса предавач на „Google News Lab“ гостува на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје
-
СОКОМ и годинава учесник на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори
-
ХАЕ огранизира работилница: Отекувам, но не се повлекувам – цртам!“