Сјајот и падот на величествената Битола, нејзиното богатство и нејзината сиромаштија останаа засекогаш овековечени од острото око на првиот снимател на Балканот, Милтон Манаки. Секоја негова фотографија, секој кадар и секоја сцена ни овозможува и сосема јасно да ги согледаме историските настани и денес. Тие негови слики останати да сведочат за едно друго време ни ги прикажуваат состојбата и времето токму онака како што Манаки и неговите современици ги гледале и како што реално ги живееле.
Токму старите слики ни покажуваат дека во еден период Битола постепено започнува да се вообличува во значаен трговски центар со многу силни трговски врски со Венеција, со Дубровник, но и со многу други градови кои во тој период играле важна улога во европската и во светската трговија. Таа во исто време била и место каде што се чувале најразлични странски трговски производи кои потоа биле наменети за понатамошен транспорт на пошироките пазари.
– Во тоа време, од Дрвен-пазар до Ат-пазар, тесните камени сокаци ќе те одведеа низ триесетина чаршии. Секоја од нив одѕвонува со свој посебен звук, со свој посебен глас. Мајсторите – мајтапчии и калфите – досетливи, постари и помлади, совети и поуки на секој чекор…, се присетуваат старите битолчани.
Во 19 век, во Битола постоеле и се развивале околу 140 занаети или професии, лоцирани на различни пазари, во различни улички, групирани во посебни еснафски организации: Ат-пазар, Овчи-пазар, Житни-пазар, Маст-пазар, Тус-пазар, Пекмез-пазар, Дрвен-пазар и уште многу други.
– Пазарите ќе ве пречекаа со раширени раце, анџиите и меанџиите ќе ве повикаа да се одморите и да се нагостите, бозаџиите и салепџиите ќе ве заблажеа, а ќе ве дочекаа чаршиите и трговците – се навраќаат на минатото битолчани.
Старата Битолска чаршија со околу 900 дуќани, беше дамарот на градот каде сѐ се создаваше и каде сѐ се продаваше. Во неа се насетуваше животот на Битола. Бројните занаети и професии го диктираа темпото на животот на целокупното население и од градот, но и од околните места. Ударите на чеканот, звукот на машините, сјајот на срмата и сребрените нишки кои блескаат од излозите.
– Пазарните денови беа особено бучни, исполнети со трговски надмудрувања и купувачки негодувања. Но, сепак, сите тие најчесто завршуваа на општо задоволство. Дрвените дуќани со дрвени кепенци, во пожар изгорени, а нови поцврсти направени и со метални кепенци затворени. Затворањето на кепенците претставуваше момент на привремено затајување и подготовка за утрешниот ден. И додека терзиите, срмаџиите, кондураџиите, опинчарите, калајџиите, златарите, кујунџиите и другите заминуваа на заслужениот одмор, низ чаршијата се ширеше звукот на чалгиите, а мирот кој постепено завладуваше доцна во ноќта го нарушуваа фурнаџиите, анџиите, симитџиите и бурекџиите, кои со мирисот на свежо приготвените јадења го будеа новиот ден – велат постарите.
Речиси не постоел трговец во градот кој не зборувал барем еден странски јазик. Економскиот просперитет на градот влијаел и врз отворањето на големата Отоманска банка, на Француската банка и на уште неколку вакви големи финансиски институции.
На ваков начин, економски но и политички, Битола станала место каде лесно доаѓале и се прифаќале најразлични влијанија, но овој пат европски. Врз традиционалните градителски техники се надградуваат новите европски стилови и влијанија. Куќите добивале физиономија на оние што се среќавале во европските градови, но во однос на фунционалноста тие останале во рамките на традицијата. Некогашните долапи постепено се заменуваат со најразлични креденци, порцеланот станува сѐ поприфатен од богатите битолски фамилии, газиените ламби се заменети со порцелански ламби увезени од Виена, Лајпциг, Минхен. Клавирите и пијаната кои ги имало во огромен број во градот стануваат предмет на престиж. Дури и оние битолски фамилии кои немале нити еден музички образован член, поседувале свои клавири затоа што тоа им обезбедувало своевиден углед во градот. Оттука и називот „град на клавирите”.
Еден многу важен момент од овој период за Битола е посетата на турскиот султан Решад V во 1911 г. кога битолските кујунџии му подариле рачно изработена позлатена масичка и златна мастилница. Покрај сиот сјај на султановиот пречек, набрзо доаѓа до вистински пад на турското владеење со Битола…
Денес, кога поминавме низ старата битолска чаршија, видовме дека уште постојат железните кепенци, но тие не ги кријат некогашните занаетчиски дуќани, туку ги затскриваат современо опремените продавници. Ја будат љубопитноста и го бараат џагорот на оние што останале последни. Ѕвончарите, шапкарите, папуџиите, ковачите и метларите наспроти свеќарите, локумџиите и леблебиџиите.
Сега, во современи услови, бројот на занаети што опстојуваат е исклучително мал, но останале некои од имињата на занаетите по кои се препознавале одредени улички во делот од чаршијата, како што е случај со уличките „кај ѕвончарите”, „кај ковачите” и сл. Овие локации и термини кои се зачувале до денес, а кои навидум се само обични податоци, во својата суштина ја кријат приказната за едно друго време.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 160. број на неделникот „Република“, 25.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.