| четврток, 6 декември 2018 |

Извозот бележи рекордни резултати

Иако проекциите беа дека, за разлика од минатата година, годинава ќе имаме зголемување за 10 до 15 отсто на извозот, таа бројка е веќе надмината и до крајот на годинава може да се зборува за зголемување на извозот за 30 отсто. Во наредните две до три години бројката на компаниите што ќе инвестираат нема да влијае само врз зголемување на извозот, туку ќе биде и генератор на нови работни места

Економијата, и покрај многуте негативни влијанија од надвор и однатре, успева не само да се одржи, туку и храбро да граби напред создавајќи предуслови за повеќе вработувања, поголем пораст, поголем извоз. Новите инвестиции, кои речиси секојдневно ја почнуваат својата бизнис-приказна во државава, придонесуваат за зголемување на извозот, што, пак, има позитивен повратен ефект преку поголем девизен прилив. Дека има позитивни раздвижувања во делот на извозот покажуваат последните податоци според кои извозот од технолошко-индустриските зони во првите осум месеци од годинава достигнал 940 милиони. Најавите се дека веќе во овој месец извозот од зоните ќе достигне повеќе од една милијарда евра, што претставува 30 проценти пораст во однос на лани, што е повисоко дури и од очекувањата на дирекцијата за ТИРЗ, како и од проекциите на компаниите.

– Се надевам дека оваа година, многу брзо, уште во овој месец, ќе ја надминеме бројката од една милијарда евра извоз, а до крајот од годината имаме можност да оствариме повеќе од 1,3 милијарда евра извоз. Бележиме и континуиран пораст на креираните работни места.Во 2015 година е проектирана бројка од околу 5.000 реализирани вработувања во компаниите лоцирани во ТИРЗ. Најголем дел од зголемувањето на извозот се бележи од работата на веќе постојните компании, како „Џонсон мети“, „Џонсон контролс“ во Штип, „Ван Хол“, „Кемет“ во Скопје, но очекувам засилување на извозот во втората половина на оваа година со работењето на другите компании, кои дополнително ќе го зголемат извозот. Иако проекциите беа дека, за разлика од минатата, годинава ќе имаме зголемување за 10 до 15 отсто, таа бројка ја имаме надмината и до крајот можеме да зборуваме за зголемување на извозот за 30 отсто. Во наредните две до три години бројката на компаниите што ќе инвестираат нема само да влијае врз зголемување на извозот туку и ќе биде генератор на нови работни места – прогнозира првиот човек на зоните, Виктор Мизо.

ekonomija160-2-ekonomska-zona-tetovo

Индустриските зони се тие што се главни носители на нови инвестиции и вработувања.

– Во овој период од еден и пол–два месеца има активности на околу осум компании во Македонија. Три од нив веќе почнаа производство во последниот месец, тоа е италијанската „Дијатек“, германската „Техникал текстаил“ и компанијата од Дубаи „Епл ленд“ во Ресен. Две од нив почнаа градба на свои фабрики, тоа е ОДВ „Електрик“ и „Кондево“ од Италија, а дополнителни три се во завршна фаза на градба и некои од нив во наредните два до три месеца ќе почнат со производство, тоа е компанијата КСС во Кичево, компанијата „Макард“ во Велес и „Гентерм“ – изјави премиерот Никола Груевски по поставување на камен-темелникот на објектот на ОДВ „Електрик“ во технолошката зона Охрид/Струга.

Сѐ на сѐ, нагласи тој, овие компании, кои треба сега да почнат и наскоро треба да ги завршат своите градби, ќе вработат вкупно 3.850 директни вработувања, плус индиректни вработувања што ги има при секоја инвестиција.

Во индустриските зони, освен производи наменети за автомобилската индустрија, електроника, постојат и капацитети за храна, откуп на земјоделски производи. Еден таков откупен центар деновиве се отвори во индустриската зона „Макази“ кај Ресен. Наменет е за откуп и за дистрибуција на јаболка, со што се реши долгогодишниот проблем на земјоделците од овој регион, кои произведуваа јаболка, но немаа каде да ги пласираат. Новиот откупно-дистрибутивен центар за јаболка  „Епл ленд“, е инвестиција од пет милиони евра, со која ќе се отворат 100 нови работни места.

– Ваквата голема инвестиција во оваа област беше одамна исчекувана и вистински потребна за производителите на јаболка од преспанскиот регион. Денес таа стана реалност и верувам дека ефектите од неа набрзо ќе бидат почувствувани од страна на производителите. Современиот откупен центар претставува директна инвестиција од пет милиони евра во овоштарството  и тој има низа подобности, како што се можноста за откуп, калибрирање и складирање на јаболката користејќи притоа најнови технологии – нагласи премиерот Груевски за време на отворањето на откупно-дистрибутивниот центар.

ekonomija160-3-Ekonomska-zona-Bunardzik

Тој изрази надеж дека со ова ќе се ублажи проблемот со откупот со кој во минатото се сочувале преспанските одгледувачи на јаболка.

– Можноста да се има откупувач што има директен пристап до меѓународните пазари има голем потенцијал да донесе поголема стабилност и предвидливост во оваа дејност, нешто што е од особено значење за натамошниот пораст и развој на производството на јаболка во преспанскиот регион – рече Груевски.

Тој нагласи дека индустриската зона „Макази“ е целосно подготвена и за други инвеститори, кои се заинтересирани да го прошират својот бизнис.

– За таа цел Владата вложи 11 милиони денари во изградбата на пат во должина од околу 850 метри, кој води од „Макази“ до центарот на зоната, а во тек се и градежните работи на патот Битола – Ресен – Буково со што ќе го подобриме пристапот и поврзаноста на целиот регион. Ваквите мерки значат подобрување на атрактивноста на зоната, што се надевам дека ќе донесе и други нови инвестиции, а со тоа и нови работни места – рече Груевски.

Сопственикот на компанијата Абдошамак Насер истакна дека неговите планови во Македонија не завршуваат со овој проект и дека имаат намера да ја шират инвестицијата.

– Годинава ќе почнеме и со една фарма во која ќе имаме илјада крави, а сточарите ќе ги обучуваме во Австрија. Вториот проект ни е за извоз на цреши од Охрид за Дубаи. Овој објект планираме континуирано да го прошируваме и да инвестираме во него – нагласи Насер.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 160. број на неделникот „Република“, 25.09.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top