Германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаусер и директорот на Германската стопанска комора во РМ Мартин Кнап синоќа го отворија 9. традиционален „Октоберфест“ на Македонско-германското стопанско здружение во Скопје.
Како што информира претставништвото на Германското стопанство во Македонија, околу 1.300 гости уживаа под огромните шатори во сино-белите бои на „Октоберфест“ и на Баварија, дегустирајќи бели и црвени колбаси, печено пиле, свинска коленица, подготвени на традиционалниот баварски начин. Наздравуваа со „скопско“, „златен даб“, „ердингер“, како и со вкусните вина на „Тиквеш“.
Манифестацијата ја отворија амбасадорката Алтхаусер и директорот Кнап, на традиционалниот начин на кој се отвора и „Октоберфест“ во Минхен – со дрвен чекан го скршија чепот на првото буре со пиво со изреката “О’zapft is“ (тапата е отворена).
– „Октоберфест“, кој традиционално во Скопје го организираат Македонско-германското стопанско здружение и Германската стопанска комора во Македонија, на несекојдневен начин им овозможи на преку 250 компании и на нивните вработени, клиенти и деловни партнери, но и на голем број значајни личности од стопанството и дипломатскиот кор во Македонија, да уживаат во автентична забава на „Октоберфест“ – изјави Мартин Кнап, директор на Германската стопанска комора во РМ.
Според амбасадорката Алтхаусер, организацијата на „Октоберфест“ во Скопје прерасна во традиција. – Овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката, како на економски, така и на културен план меѓу нашите две земји – речеАлтхаусер.
Во септември в година „Октоберфест“ ќе го одбележи 10-годишниот јубилеј.
Целата галерија од вчерашниот „Октоберфест“ погледнете ја тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.