| четврток, 6 декември 2018 |

Дали инвазијата на Русија ќе биде погубна за Путин или ќе ги избрка Американците од Блискиот исток?

Со влегувањето на Русија во војната во Сирија, се случува најголемиот пресврт во конфликтот кој ја зафати Сирија во 2011-та година. Можеме само да нагаѓаме како ќе резултира овој потег на Москва, но едно е јасно – некој ќе претрпи големи последици.

Можеби Русија од сето ова ќе излезе како голем победник и ќе прерасне во уште поголема сила од тоа што е денес, но можеби ова скапо ќе ги чини Русите.

Заменик директорот на „Кенан“ институтот од САД, Вилијам Е. Померанц, непосредно откако пристигна потврдата од рускиот парламент за испраќање на руски воени сили во Сирија објави текст со наслов „Како војната во Сирија може да ја сруши владата на Путин“. За дополнително да ги долови своите ставови, тој за насловна фотографија ги избра рушевините од Палмира под кои пишува „Рушевините на Палмира, седиштето на некогашно големо царство“.

Не е тајна дека многумина се надеваат дека оваа „грешка“ Путин скапо ќе ја плати, па неговото „царство“ ќе биде срушено. Токму поради тоа Американците и не се бунат премногу на тоа што Русија се вклучува во војната во Сирија.

Што може да се случи во Русија кога ќе започне битката против ИСИЛ? Многу работи. Моментално според последните анкети 39% од анкетираните ја поддржуваат политиката на Путин кон Сирија, а притоа треба да се истакне дека бројот на тие кои што експлицитно се противат на таквата политика е далеку помал – изнесува 11%. Но, бројките ќе започнат да се менуваат ако има жртви на руска страна, иако не би требало тоа да се случи со оглед на тоа што Русите напаѓаат само од воздух.

Но, се поставува прашањето дали воздушните напади ќе бидат доволни за да се порази Исламската држава? Дали треба во иднина да очекуваме руски копнени сили да „стапнат“ во Сирија? Моментално можеме само да нагаѓаме, но факт е дека во секоја војна се случуваат многу непредвидливи работи.

Сценарио 1: Американски Шах-Мат за Путин

Точно е дека Русија и САД не можат точно да предвидат во што се впуштаат и како ќе заврши сето тоа. Но, Американците кои „за океан“ се подалеку од случувањата на Блискиот исток, а нивните тајни служби се толку моќни што навистина е минимална веројатноста џихадистите од ИСИЛ да извршат терористички напади на територијата на САД.

Со оглед на тоа што САД немаат закани по националната безбедност, дали на крајот Американците задоволно ќе се смеат гледајќи ги Русите како самите себеси се елиминираат?

Имено, досега сите знаеа дека Русија е силен поддржувач на Асад. Тоа го знаат и бројните џихадисти кои се борат во Сирија, а меѓу нив има илјадници кои што се регрутирани токму од Русија. Со оглед на тоа што Русија се вклучува во војната, тие ќе се обидат да направат се за да им се одмаздат на Русите. Тоа значи и нарушување на безбедноста во јужните руски региони (Кавказ) и потенцијална опасност од терористички напади во најголемите градови.

Сценарио 2: Контра-удар на Путин за најмоќна Русија досега

Но, што ако Путин зададе нов, неочекуван удар? Имено, како што јавуваат неколку руски медиуми, Путин побарал од американските авиони веднаш да ја напуштат Сирија. Значи Русија од преговарач, доаѓа на сцена, ги брка Американците и ја превзема ситуацијата во Сирија во свои раце.

Дали тоа го може Русија? Секако дека да. Русите имаат силна поддршка од моќна оска на релација Дамаск – Техеран – Багдад. Доволно е уште Пекинг да даде барем морална поддршка и ИСИЛ да се претвори во обична боксерска вреќа. Тогаш Русија силно ќе навлезе во Сирија и ќе ја превземе геополитичката положба која што САД ја чува со децении.

Со други зборови, Американците со намера да го срушат, ќе добијат еден нов Супер Путин и уште помоќна Русија. САД можат да ја загубат моќта на Блискиот исток, но за тоа Путин и Русија треба да одиграат без ниту една грешка, а се чини дека првата и веќе ја направија – влегоа во Сирија предоцна, во периодот кога сириската војска драстично започна да слабее.

Сценарио 3: Заедничка или меѓусебна борба?

Постои и трето сценарио во кое сите заедно ќе се борат и секако ќе ја поразат Исламската држава. Но дали Американците сакаат за сојузник една во најмала рака рамноправна сила? Историјата тоа не го вели, а се чини дека ниту во иднина ќе се случи такво нешто.

Како и да е, без разлика на тоа што САД и Русија тврдат дека ќе настојуваат да биде избегнат директен судир, тој би можел да се манифестира самиот по себе, а тоа би било многу лошо. На светот најмалку му треба САД и Русија да влезат во меѓусебен конфликт кој лесно може да прерасне во страшна војна со апокалиптично сценарио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top