На Скопски саем денеска почнува меѓународниот саем за широка потрошувачка „Агрофуд 2015“. Манифестацијата, која се организира 65-та година по ред, акцент става на македонската традиционална зимница и на органските производи кои ќе можат да се купат по промотивни цени.
„Агрофуд 2015“ ќе трае до недела и на него, како што најавија организаторите, ќе се претстават компании од конзервната индустрија, земјоделската механизација, индустријата за амбалажирање и пакување, како и од областа на производство на опрема за прехранбена индустрија.
Во рамки на „Агрофуд“ ќе се одржат и Отворени денови на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) кое е партнер на Саемот. МЗШВ ќе ги претстави ИПАРД програмите и Платежната агенција.
Соработник на саемската манифестација е и Сојузот на стопанските комори кој уште првиот ден ќе организира Македонско-унгарски бизнис средби.
Унгарија со десетина фирми, годинава е учесник и партнер на „Агрофуд“. Унгарските компании се заинтересирани за соработка, а главно бараат производители на вино, дистрибутери во синџирот на супермаркетите и на алкохолните пијалаци, сточари, фармери и земјоделци со помали површини, како и партнери за реализирање увоз на унгарски производи.
„Агрофуд“ ќе биде отворен од 11 до 19 часот, а влезот е бесплатен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.