Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 67. седница прифати измени на повеќе законски решенија во прво читање и ги проследи во натамошна процедура.
Во сет од законите измените се однесуваат на воспоставувањето на нов систем за полагање стручен испит преку формирање на комисии. Наградата за членовите на комисиите ќе изнесува една третина од просечната плата во државата.
Пратеничката Роза Каровска Топузова во расправата по овој сет од 39 закони со кои се предвидува воведување испитни комисии и комисии за ревизија на тие испити со забелешка дека членовите на овие комисии би земале надоместок за работа која ја работат во работно време.
– Ако секоја од овие комисии брои по шест до седум члена тоа би биле некаде околу 3.000 лица, за кои надоместокот ќе чини околу 117 милиони денари, рече Каровска Топузова и побара членовите на овие комисии да не добиваат надокната за овој ангажман.
Дел од предложените закони се со цел усогласување на глобите со Законот за прекршоци. Според опозицијата, намалувањето на глобите се прави поради популистички цели во пресрет на изборите. За пратениците од мнозинството целта на измените е подобрување на работењето и почитување на регулативата.
Во текот на дебата за измените и дополнувањата на Законот за државна статистика Миле Андонов од СДСМ реагираше на како што рече, енормните глоби и покрај предложените намалувања. Така се намалува глобата предвидени за правни лица од 4 на 2 проценти од вкупните приходи остварени во претходната година доколку ненавремено и неточно поднесат информација побарана од Заводот за статистика.
– Ние ќе бараме амандмански овој процент да се намали за правните лица, а како основица да биде даночната основа на правното лице, рече Андонов забележувајќи воедно дека казните за странските инвеститори во технолошкоиндустриските развојни зони се порелаксирачки.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески реплицираше дека со предлогот се врши усогласување со новиот Закон за прекршоци по однос на прекршоците за правните лица и казните се намалени, но, вели, конкретно за оваа одредба не колку што треба и најави дека преку амандманска расправа ќе се усогласат за заеднички предлог.
Во прво читање поддршка денеска добија и измените на Законот за јавни набавки, на Законот за експропријација, на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, на Законот за административните такси, измените на Законот за буџетите и на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
Седницата ќе продолжи утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



