| четврток, 6 декември 2018 |

Швајцарците и најбогати и најзадолжени

швајцарци
Граѓаните на Швајцарија и натаму се најбогатите на планетава, кога станува збор за финансиските средства по жител, но парадоксално на тоа, тие воедно се и најзадолжените со просечни 80.000 евра по жител (87.343 франци), покажа истражувањето од осигурителната компанија „Алианц“.

Финансиската актива по жител во Швајцарија во 2014-та вредеше 157.450 eвра, наспроти 146.540 во 2013-та, a водечкото место во светот, според овој параметар го зазема од почетокот на 2000-та година.
Швајцарија на првото место во светот се наоѓа и според висината на задолженоста на жителите, иако таа благо порасна во последниве години. Стапката на задолженост на граѓаните во однос на БДП остана висока, 122 отсто во 2014-та година. Само за споредба, нивото на долгот на жителите во Германија изнесуваше 55 отсто од БДП, а во Австрија 51 процент.
На глобален план, финансиската актива во минатата година скокна за 8,1 отсто, на ниво од 100.600 милијарди евра, покажа оваа студија (Global Wealth Report) која го анализира богатството и задолженоста на домаќинствата во повеќе од 50 земји.
Во Азија (не сметајќи ја Јапонија) вкупните финансиски средства во минатата година се зголемени за 18,2 отсто, а уделот во тој регион почнувајќи од 2000-та година во глобалното богатство е зголемен за повеќе од три пати.
За главниот економист на компанијата „Алианц“, Михаел Хајзе, забавувањето на кинеската економија не е загрижувачко.
-Оваа земја денес е многу развиена за разлика од пред пет или 10 години и продолжува да испраќа моќни импулси на раст кон нашите економии и финансиските пазари- истакнува Хајзе.
Останатите региони во развој, Латинска Америка и Источна Европа, во минатата година забележале многу скромен раст на финансиските активи, 4,2 отсто и 8,6 проценти.
Во еврозоната ситуацијата се покажа многу интересна. Прв пат во овој регион во минатата година е забележан брз раст на финансиските средства, од 6,2 oтсто, отколку во Северна Америка каде стапката беше 5,3 проценти.
Студијата понатаму открива дека во поглед на распределбата на богатството, најголема нееднаквост е во САД. Коефициентот „Џини“ кој ја мери оваа појава во Швајцарија изнесуваше 61,2 поени, и е понизок од просекот за високо развиени земји од 64,6 поени. Во Германија овој индекс има вредност од 73,3, a во Австрија 73,6 поени.
Поголема вредност на индексот укажува и на поголема нееднаквост.
За последните 10 години во Швајцарија пораснаа нерамномерностите во распределбата на финансиските средства, па овој индекс напредуваше за три поени, додаваат авторите на студијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top