Според последното истражување на Народниот правобранител, во 17 центри за социјална работа низ државава се регистрирани 236 деца на улица. Споредено со состојбата во 2011 година има намалување на нивниот број, но регистрирани се деца на улица во шест нови градови.
Најмалите деца на улица се стари само неколку месеци, а најголемите 18 години. Од 236 деца, 114 се машки, а 122 од женски. Најголем дел, 228 се Роми, пет Турци, две Македонци, а едно Египќанец. Најголем број деца на улица, 113, има во Скопје, по што следат Битола, Куманово, Велес Гостивар и Кичево. Помалку од 10 деца на улица има во Ресен, Гевгелија, Виница, Струмица, кавадарци, Штип, неготино и Прилеп.
Според Народниот правобранител Иџет Мемети, наоѓање решение со проблемот на децата на улица е предизвик за сите органи и институции кои работат на полето на заштита на правата на детето.
– Треба да се преземат мерки кон родителот кој го злоупотребува вршењето на родителското право или грубо го занемарува вршењето на родителските должности со наведување на детето на питачење, користење за питачење, присилување на работа – рече Мемети на денешната тркалезна маса „Состојбата и предизвиците со деца на улица и како да се обезбеди пристап до нивните права“, што се одржува во рамки на твининг проектот „Промоција на надлежностите на Народниот правобранител и јакнење на институционалните капацити“
– За жал, кога зборуваме за деца на улица, реалноста во нашето општество е лоша од причина што овие деца со години ги гледаме на улиците, сами или со возрасните како питачат, или бришат автомобилски стакла. Многу често дури ги препознаваме истите деца, на исто место и во исто време. Овој податок го потврдуваат и истражувањата на Народниот правобранител во 2011 и 2015 година – рече Мемети.
Сознанијата на Народниот правобранител покажуваат дека децата на улица во најголем процент се од семејства кои припаѓаат на ранлива и необразована група на граѓани, семејства корисници на права од социјална заштита. Како алармантни се наведени евидентираните деца на улица кои дуваат лепак и им е загрозено здравјето. Значителен број од децата на улица не се опфатени со образовниот процес поради немање содветна документација, не се евидентирани во матичната книга на родиените или пак им е измината возраста за запишување на училиште.
– Меѓуопштинските центри за социјална работа укажуваат дека е потребна поголема институционална соработка од една страна, но и поголема соработка или волја на родителите со надлежните органи. Станува збор за родители кои се или без или со многу низок степен на образование, или без никаква работа или егзистираат од социјална параична помош, што остава простор за размислување и изнаоѓање решенија дали можеби во овие две прашања не се крие одговорот за тоа како да се надмине проблемот за деца на улица – рече Васка Бајрамовска Мустафова заменик-народен правобранител.
Според евроамбасадорот Аиво Орав, ЕУ нуди инструменти за остварување на правата на децата. Време е, укажа Орав, за иновативни пристапи кои можат да ги преобразат животите на децата.
– Во оваа земја забележуваме намалување на бебешката смртност и подобрување на процентот на запишани деца на училиште, но се уште останува да се работи многу за децата, особено за децата на улица – рече Орав, најавувајќи оти ЕУ ќе продолжи со поддршката за остварување на правата на децата.
Меѓуопштинските центри за социјална работа во 2013 година до родителите доставиле 56 предупредувања за неправилно воспитување и одгледување, а од јануари до август лани 118. Во 2013 се изречени 12 решенија за постојан надзор, а во 2014 година 22. Предлог за одземање родителско право до надлежен суд и дека постапката била во тек доставиле само два меѓуопштински центра, за два случаја во Скопје и за еден во Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.