Доскорешниот австралиски премиер Тони Абот смета дека непотребно бил сменет од функцијата, со надгласување на пратениците од неговата Либерална партија.
Во првото интервју по сменувањето, Абот изјави дека е уверен оти либералите ќе победеле и на следните парламентарни избори, со него како партиски лидер, доколку не беше тргнат од лидерската и премиерската функција, од Малколм Тарбул.
Пред две недели, Абот беше сменет со партиски пуч, што го предводеше тогашниот министер за социјални прашања, Тарбул, откако тој и неговите приврзеници во Либералната партија тврдеа дека доколку Тони Абот остане на лидерската функција, либералите и сегашната, владејачка коалиција ќе ги загубат изборите.
Абот беше обвинуван дека има лош имиџ во австралиската јавност, дека не е популарен кај гласачите и дека во анкетите има постојано низок рејтинг.
-Не треба секогаш да им се верува на показателите од истражувањето на јавното мислење, затоа што често се случува гласачите да се задоволни од вашата работа и од политиката што ја спроведувате, а да немате имиџ во јавноста- вели Абот.
Тој одби да одговори дали ќе остане во политиката, објаснувајќи дека за своите идни планови ќе може да зборува околу Божик и Нова година.
– Премногу сум млад за уште сега да се пензионирам – кусо објасни Тони Абот.
Во австралиската политика, не е реткост, актуелен премиер да биде сменет од функцијата, откако ќе ја загуби довербата во својата партија.
Последен пат, тоа на два пати се случи во претходниот мандат на сега опозициските лабуристи.
Прво, тогашната министерка Џулија Галард со партиски пуч го смени лидерот и премиер Кевин Рад, а по две години, Рад успеа да ја „собори„ својата партиска противничка, на истиот начин и одново стана премиер и лидер на лабуристите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.