| четврток, 6 декември 2018 |

Како настанале броевите на линиите на ЈСП?

Ако се прашувате зошто автобуската линија „5“ оди од Ѓорче Петров кон Ново Лисиче, а зошто „16“ оди од Железара до Црниче, зошто ЈСП „Скопје“ нема линија број „1“ и зошто има празнини помеѓу бројките, односно не постојат линии 10, 11, 17, 18, 25, 26, 27, итн., – нема да го задоволите вашето љубопитство, пишува „Скопје инфо.мк.“ Ниту во Град Скопје ниту во Јавното сообраќајно претпријатие немаат објаснување зошто одредени автобуски линии ги носат токму тие броеви и има ли значење редот на линиите.

Единствено што како податок може да се добие од архивите на ЈСП е дека првата и тогаш единствена линија, број „2“, била во должина од шест километри од Kумановска трошарина, преку денешните улици Брегалничка, Kеј 13. Ноември, Димитар Влахов, Илинденска и завршувала во Градскиот парк, пренесува Дневник.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола од отсекот за сообраќај и транспорт, Никола Kрстаноски, објасни дека првпат јавниот градски превоз во Македонија почнал во 1947 година кога во Скопје била отворена автобуската линија со број „2“.

– Наредната година е отворена и линијата „3“, од Автокоманда до населбата Водно и потоа во наредниот период следува проширување на линиите – објасни Kрстаноски.

Во 1997 година претпријатието опслужуваше 74 линии со вкупна должина од 1.014 километри, а денес има 38 градски и 44 приградски линии, вкупно долги 1.252 километри.

Kрстаноски потенцира дека постоела и линија со број „1“ но зошто сега ја нема, никој не знае.

– Прашував и јас претставници од ЈСП, но не можеа да ми кажат зошто. Не се знае зошто не постои линија со број 1 – вели тој.

Според  Иле Ѓоргиевски, директор на Секторот за сообраќај во ЈСП, битно е со мрежата на линии да биде опфатено целото градско подрачје. Нема методологија за тоа на кој начин се одредени броевите.

Но, затоа пак, трасите на линиите се одредуваат во согласност со потребите на граѓаните и тие се внесени во Одлуката за јавен градски превоз, со која е дефинирана мрежата на градските и приградските линии, кои како што тврди Ѓоргиевски, се одредуваат врз основа на барањата на граѓаните.

Ѓорѓиевски објасни дека неодамна кога отвораа нови линии воделе сметка броевите да им прават некаква логика на патниците.

– На пример, линијата „33“ е од Долно Лисиче до Домот на печатот и оди преку „Трета македонска бригада“ а „31“ оди по булеварот Борис Трајковски до Транспортен центар. Тие имаат заеднички терминал во Долно Лисиче и за да им биде полесно за препознавање, на граѓаните се ставени слични броеви. На пример, тој што чека автобус спроти Олимписки базен за до Долно Лисиче треба да чека „31“, а ако чека од страна на Олимписки за да дојде до Долно Лисиче треба да чека „33“ – објасни Ѓоргиевски.

– Бидејќи веќе има линија „45“ која егизистира до бензинската пумпа , исто така во Ченто, пред две години воведовме линија со број 43, која е слична бројка. Таков е случајот и со линиите „18“ и „18а“ – двете одат до Визбегово, но по различни улици. Мора да се разликуваат броевите на линиите кои имаат иста почетна станица. Така е со „22“ и „22а“, кои поаѓаат од Лепенец, а првата оди до Транспортен центар, додека „22а“ до Kлинички центар – вели тој.

Професорот Kрстаноски вели дека Скопје најмногу патници во јавниот превоз имал во 1989 година, кога превезле 150 милиони патници, за во 2004/2005 година да доживее пад на само 45 милиони патници. Но, сега бројката полека се качува како резултат на поквалитетниот превоз, односно новите возила.

Сѐ уште има автобуски неповрзани делови од градот.

Професорот Никола Kрстаноски вели дека најважно во градскиот превоз е мрежата на линии да ги задоволува потребите на патниците за да може брзо да стасаат до саканата дестинација со користење една автобуска линија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top