Министерот за труд и за социјална политика, Диме Спасов, денеска ја посети текстилната фабрика „Босут“ каде што разговараше со сопственикот и ги посети погоните за производство и воедно се информираше за работата на оваа компанија, која вработува 290 лица, голем дел од нив вработени преку мерките за вработување.
Во посета на фирмата беа и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, пратеникот Зоран Ѓорѓиевски како и претставници од Центарот за вработување во Куманово.
Компанијата „Босут“ функционира осум години. Таа е успешен пример на македонска компанија, која ги користи мерките и поволностите за вработување, кои ги реализираме преку Агенцијата за вработување, изјави Спасов.
Додаде дека оваа компанија преку мерките за вработување досега вработила повеќе од 100 лица, повеќето од нив се дел од мерката вработување млади лица, што значи ослободување на придонеси за плаќање од една година и обврска на комапнијата да ги задржи уште една година. Голем дел од нив, изјави министерот, првин посетувале тримесечна обука, а сега се вработени преку субвенционирано вработување.
– Ние и понатаму ќе продолжиме со реализација на мерки и поволности за поддршка на сите македонски компании, за проширување на нивниот бизнис, за намалување на нивните средства за отворање нови работни места и се разбира со пренамена на тие средства во развојот на самите македонски компании – рече Спасов.
Тој информираше и за новиот јавен повик за четири нови мерки за вработување, објавен денеска од Агенцијата за вработување.
– Се работи за мерката самовработување со кредитирање за невработени лица и кредитирање за отворање нови работни места. Станува збор за навистина поволни кредитни линии кои што се реализираат преку Македонска банка за поддршка на развојот, меѓутоа и преку неколку банки во РМ. АВРМ објавува на месечно ниво вакви повици, при што може да аплицира секое невработено лице кое има своја бизнис идеја и сака да добие средства – рече министерот за труд и за социјална политика.
Појасни дека средствата се навистина поволни со само 1 процент каматна стапка со грејс период од 1 до една и пол година, со рок на враќање на кредитот од 3 па до 7 години во зависност од категорииите и средства кои можат да се повлечат преку оваа кредитна линија за самовработување од 3.000 до 7.000 евра за носителот на бизнисот, односно за лицето кое што ќе се самовработи и дополнително по 3.000-4.000 евра за секое ново работно место.
– Практично се работи за кредити кои што можат да изнесуваат од три па се до 23.000 евра како што кажав навистина поволни услови, ретко каде можат да се најдат вакви финансиски средства, со само 1 посто камата и со долг грејс период – изјави Спасов.
Министерот додаде дека станува збор за мерки преку кои изминативе години од 2008 година како што се анализираат даваат позитивни резултати. Според него, досега се отворени голем број на работни места, формирани се над 3.400 примарни компании преку искористување кредити за самовработување, а отворени се околу 4.000 нови работни места.
– Преку кредитирањето, пак, на микро и мали компании за отворање нови работни места, изминатите години отворени се околу деветстотини места. Продолжуваме со реализација на овие мерки. Би сакал да ги поттикнам сите приватни комапнии кои сакаат да искористат дел од овие средства и сите невработени лица кои што имаат своја бизнис идеја, кои сакаат да земат поволен кредит да се обратат во Центрите за вработување при АВРМ и да ја искористат оваа шанса – изјави Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски изјави дека при посетата на компанијата се увидува дека и во текстилната фабрика може добро да се заработува и дека има иднина за оние кои ја избираат вистинската професија. Нагласи дека има млади луѓе кои избираат погрешна професија, по што, рече остануваат невработени.
– Преку серија на вакви посети на компаниите за производство во текстилната индустрија сакаме да дадеме пример за сите млади кои избираат идно образование да избираат вистинско образование, накое за кое има потреба на пазарот на трудот и во иднина нема да бидат невработени. Од првиот ден на завршување на образованието, ако добро ја поминат праксата ќе бидат вработени – изјави Поповски.
Тој нагласи дека за оние кои ќе се одлучат за самовработување тука се мерките кои ги најави министерот. Агенцијата за вработување, нагласи Поповски, ќе биде отворена за сите апликатни. Во наредните десетина работни дена, рече, ќе бидат примени сите апликации и до ноември ќе бидат повикани да склучат договор со Агенцијата, а потоа ќе бидат упатени до македонската Банка за поддршка на развојот.
Сопственикот на „Босут“, Драган Стефановски изјави дека мерките за вработување се добредојдени за стопанството во Македонија.
– Ние постоиме 8 години и за овие години сме користеле повеќе видови мерки. Имаме примено преку сто млади луѓе во нашата компанија кои сега се носители на дејноста која ја работиме – рече Стефановски.
Пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ од Куманово Зоран Ѓорѓиевски изјави дека во Куманово нема странски инвестиции, но дека се гордеат со домашните стопанственици кои, како што рече, се столб на економијата во градот.
– Со сите можности кои Владата на РМ може да им помогне на стопанственици за економскиот развој да биде уште поголем, ќе настојуваме со сите наши можности да излеземе во пресрет за стапката на невработеност во Куманово да ја намалиме за некој процент – изјави Ѓорѓиевски.
Министерот Спасов по посетата на фирмата „Босут“ го посети Оризаре, Липковско каде што пушти во употреба дневен центар за деца со посебни потреби и градинка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.