Со здравица за добредојде и со чаша пенливо вино, се означи успешниот почеток на обуката за сомелиери, која цела седмица ќе се одржува во ресторанот „Воденица“, а е во организација на Македонското сомелиерско здружение.
-Драго ми е што сум во Македонија и што можам да помогнам во создавање на сомелиерската професија овде. Македонија има голем вински потенцијал и, секако, ѝ се потребни едуцирани професионалци, кои ќе ја шират винската култура. Интересот е голем а ентузијазмот што го видов денес најавува позитивни промени на винската и угостителска сцена – изјави Роберто Белини, предавач на обуката и потпретседател на АИС (Associazione Italiana Sommelier)
Група од 12 кандидати ќе биде првата генерација македонски сомелиери со сертификат, кои ќе ги изучуваат тајните на виното според програмата на АИС. Денешната програма од обуката се состоеше од нагласување на улогата и на задачите на сомелиерот, професионален вински сервис и протокол, предавање за лозарство, видови почви и климатски услови. Во вториот дел се изведуваа практични вежби на сензорна евалуација преку дегустирање на повеќе стилови македонски и странски вина во една интерактивна атмосфера.
– Сомелиерството насекаде е ценета и барана професија, која помага во зацврстување на врската меѓу винарските визби и нивните потрошувачи и верувам дека и идните македонски сомелиери ќе придонесат кон градење на таа врска – вели Александар Вучковски, претседателот на Здружението на сомелиери на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.