| четврток, 6 декември 2018 |

Успешно завршена обуката на 35 лица кои се социјално изолирани на пазарот на труд

Завршен настан во рамки на проектот „Преземи акција за подобра конкурентност на пазарот на труд“ одржаа денеска Црвениот крст на Република Македонија и Занаетчиската комора на град Скопје.

На 35 лица кои успешно ги завршија обуките за занаети им беа доделени сертификати. Целта на проектот кој се имплементира 18 месеци е да придонесе во зголемување на учеството на лицата кои се социјално изолирани на пазарот на трудот и да влијае на намалување на невработеноста во Македонија.

Проектот е финасиран од ЕУ во рамки на оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 (ИПА компонента 4).

Секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска истакна дека направиле многу бидејќи 210 корисници биле интервјуирани и им била понудена можност да направат надградба на својот капацитет и да добијат дополнителни знаења за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот.

– Од 210 корисници, 40 беа селектирани, а 35 лица успешно го завршуваат овој проект и добиваат лиценци за работа. Овој проект има одлични резултати, меѓутоа ако немаме добра стратегија тоа ќе значи дека овие луѓе повторно ќе бидат оставени сами на себе. Од утре продолжуваме да работиме со нив, да бидеме нивни ментори со цел заеднички со Занаетчиската комора да најдеме можност за нивно вработување, посочи Тунева Пауновска.

Се она што тие го научија, појасни, треба да го презентираат пред се за своја лична самодоверба, меѓутоа и за дополнителни финансиски средства кои ќе влезат во нивните семејства.

– Овие 35 корисници истовремено на некој начин стануваат самостојни и можат да се грижат за себе и за членовите на нивните семејства. Црвениот крст на град Скопје и во иднина ќе биде мотивиран да работи на ваков вид проекти, додаде Тунева Пауновска.

Извршниот директор на Занаетчиската комора на град Скопје, Снежана Денковска рече дека обучиле 35 корисници за различни занаети и понудиле 13 занимања и тоа готвач, слаткар, пекар, филигранист, фризер, козметичар, шминкер и декорација на нокти…

– Корисниците можеа сами да изберат што најмногу може да дадат и кои се тие вештини кои ги сакаат. Им направиме мотивациски писма, разговори за да можеме да оцениме што е тоа што сакаат, што е тоа што сакаат да го работат, дали претходно имале некое хоби. Им понудивме добри обуки и тие беа во реален процес на производство и ништо не беше импровизирано, потенцира Денковска.

Додаде дека станува збор за една помош за да можат тие да стекнат работни навики, да стекнат вештини и полесно да најдат вработување на пазарот на трудот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top