| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Порастот на индустријата е показател за добрата економска политика

индустрија2

Порастот во индустријата во август од 12,7 проценти е знак дека македонската економија се наоѓа на добра патека и дека годинава ќе заврши со добар економски пораст. Потврда за тоа е и вчерашниот извештај на Светската банка, со кој е оценето дека Република Македонија заедно со Црна Гора има највисока економска стапка во регионот и највисок економски пораст, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

– Тоа е добро бидејќи имавме сложена политичка ситуација и порастот на индустријата во такви околности претставува силен одговор на стопанството дека политичката стабилност и долгорочната економска политика се најдобрите и најважните услови за пораст на економијата. Сметам дека остварениот пораст е значаен бидејќи опфаќа широк број гранки во индустријата, а посебно преработувачката индустрија како стожер на индустриското производство расте со 8,5 проценти во август – изјави Ставрески.

Според него, индустријата оствари таков пораст бидејќи, како што рече, стопанствениците ја гледаат долгорочната политика како стабилна и како добра, а, пред сѐ, даночната политика и политиката во делот на работните односи, како и мерките како што е „Македонија вработува“, привлекувањето на странските инвестиции и другата економска политика.

– Имаме пораст и во работењето на странските компании кај производството на машини и опрема, но и во сегментот на традиционалните индустриски дејности како што се текстилната, производството на мебел, тутунската… Причина за остварениот пораст е и Буџетот каде што во првите осум месеци од годината со добрата ликвидност и со редовното сервисирање на сите обврски кон стопанството овозможивме компаниите што е можно помалку да ги почувствуваат последиците од политичката криза и да имаат редовно намирување на обврските од Буџетот – рече Ставрески.

Очекува слични движења на економијата да има и до крајот на годинава и македонската индустрија да ја заврши 2015 година со добра стапка на пораст.

– Тоа ќе биде составен дел на вкупниот пораст на македонската економија и ќе влеземе во 2016 година со стапка на пораст, која ќе биде меѓу највисоките во регионот – нагласува Ставрески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top